Министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ денеска изјави дека најавата за подготвеност на ЕУ да прими нови членки до 2030 година е цел што треба да се постигне, а не ветување.
„Тоа е година што претставува цел, а не ветување. Земјите-членки на ЕУ допрва треба да се договорат за тоа што всушност значи подготвеност да примат нови членки до 2030 година“, изјави таа.
На новинарско прашање дали Србија може да напредува во евроинтеграциите додека не го реши прашањето за нормализирање на односите со Приштина и воведување санкции против Русија, таа рече дека тие прашања се веќе дефинирани во поглавјата за пристапување, пренесе Бета.
„Кога станува збор за нормализација (на односите меѓу Белград и Приштина), ние веќе го имаме поглавјето 35, кое ја содржи конечната мерка, која е сеопфатен договор за нормализација. Ние сме на истиот пат и по вредност и кога станува збор на поглавјето 21 (за усогласување со надворешната политика на ЕУ), рече Мишчевиќ.
Амбасадорот на Европската унија во Србија, Емануел Жофре изјави дека изјавата на потпретседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, дека ЕУ треба да прифати нови членки до 2030 година значи промена на перцепцијата во блокот.
„Руската агресија ги промени работите. Сега ние гледаме на работите на поинаков начин и тоа е поважно за нас. Ова е вистинска можност да се постигне проширување, мора да се земе предвид. Србија има големи предизвици да ја искористи оваа можност, и мислам дека со тоа ќе добие многу“, рече тој.