Украинскиот главен град Киев во текот на ноќта бил цел на силни напади од руски крстосувачки ракети, пренесе ДПА.
Според извештаите, над градот имало силни експлозии на противвоздушни ракети против проектилите што доаѓале. Во најмалку две области, остатоци од проектили паднале врз згради, информира утрово на Телеграм градоначалникот Виталиј Кличко.
Според Кличко, избувнале неколку пожари, вклучително и во административна зграда и во трговско претпријатие. Најмалку две лица загинале, а уште две се повредени.
Шефот на киевската управа, Серхиј Попко на Телеграм соопшти дека меѓу повредените има и една жена која била пренесена во болница со рани од скршено стакло.
На бранот крстосувачки ракети од правец на Каспиското Море му претходел напад со дронови од север. Во целата земја била прогласена тревога. Имало и извештаи за проектили кои се приближуваат до регионот Одеса во јужна Украина.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од 18 месеци. Украинскиот систем за противвоздушна одбрана се модернизира со помош на Западот, потсетува ДПА.