Покрај македонските и косовските граѓани кои последните години купуваат станови на албанското крајбрежје, како и во Тирана, годинава зголемен е интересот од страна на граѓани од други земји при што најбројни се Чесите и Полјаците.
Според Ѓин Ѓока, сопственик на агенција за недвижности „од Велипоје, Драч, Валона па се до Саранда, туристите кои годинава доаѓаат во посета, купуваат станови како никогаш досега”.
-Во однос на 2021 година, побарувачката за станови на крајбрежјето е зголемена до 42 отсто. Барањата на странците не се само за станови, туку и за неизградено земјиште или стари куќи. Најбројни се Полјаците и Чесите, но ги има и од други држави па и од Србија, вели Ѓока.
Според него, зголемениот интерес има силно влијае и на зголемувањето на цената по метар квадратен.
-Во Драч, Голем и околните места цена на квадратен метар се движи од илјада до 1.200 евра, во Каваје до 1.500 евра, додека во Саранда, Лунгомаре, во Валона и новото пристаниште Драч цените се движат од 1.650 до 2.800 евра, посочува тој.
Странците од Полска сакаат станови на јадранското песочно крајбрежје, додека Германците, Канаѓаните, Австралијците и Американците претпочитаат куќи на јонското крајбрежје.
Македонските граѓани најчесто купуваат станови во Драч и околината, а оние од Косово во Шенѓин, каде климата е идентична со онаа во Улцињ.