Пчеларот Мајкл Барбер вчераутро го разбудиле неколку повици од полицијата кои барале помош затоа што пет милиони пчели паднале од камион во провинцијата Онтарио.
До несреќата дошло кога се олабавиле ремените кои ги држеле во камионот што ги превезувал кошниците со пчели.
Барбер рече дека имало прилично голем облак од пчели во областа кои биле многу лути и збунети. Властите во Бурлингтон ги предупредија возачите да ги затворат прозорците и ги советуваа пешаците да се држат настрана. Пчеларот, сопственик на компанијата Tri-City Bee Rescue, која се занимава со отстранување и преселување на бездомните пчели, првиот повик од полицијата го добил околу седум часот наутро.
Надлежните побарале помош од него бидејќи наоколу летале лути пчели. Во исто време, полицијата упатила јавен апел на социјалните мрежи и ги повикале локалните жители да се држат настрана од областа. По разговорот со полицијата, Барбер повикал други пчелари на дополнителна помош, а набрзо на местото пристигнале десетина пчелари кои почнале да ги собираат пчелите, пишува Би-би-си.
Пчелите и нивните кошници биле расфрлани во радиус од 400 метри. Некои од нив почнале да се натрупуваат на околните автомобили и столбови. „Веројатно имало илјада пчели на предниот дел на еден камион“, рече тој.
По неколку часа, повеќето пчели се вратени во кошниците, иако неколку стотици не ја преживеале несреќата. Камионџијата е искасан повеќе од 100 пати затоа што не носел пчеларско одело. Сепак, тој не се здобил со сериозни повреди.