Вучиќ: Има многу идеи, нема решенија за елиминирање на тензијата во Косово

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека „има многу идеи, ама нема решенија“, одговарајќи на прашањето дали на средбата со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак е понудено решение за надминување на тензијата во Косово, пренесува агенцијата Бета. Вучиќ на 30 август се сретна со Лајчак.

-Можевме да седиме и десет часа. Се плашам дека тешко може да се пронајде решение кога разговарате со луѓе кои не бараат решение, кога разговарате со луѓе од Приштина кои бараат причини за конфликти и напад врз српското население на северот на Косово и Метохија, рече Вучиќ, за време на обиколката на реконструираниот пат Рашка-Нови Пазар, во југозападна Србија.

Вучиќ истакна дека овие работи „не ги кажува случајно“, бидејќи, како што наведе, желбата на косовскиот премиер Албин Курти е да ги „избрка“ Србите од таму.

-Да не зборуваме колку илјадници милји сме далеку од формирањето на Заедницата на српските општини, на Приштина не и паѓа на памет дека тоа треба да се случи, рече Вучиќ.
Лајчак на својот профил на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) објави дека на 30 август разговарал со Вучиќ за „следната средба на високо ниво во септември, напорите за намалување на тензиите и одржување нови локални избори на северот на Косово, како и за спроведувањето на сите договори потпишани во текот на дијалогот“.

Оваа средба се одржа откако Лајчак на 28 август објави дека имал „важна средба“ со премиерот на Косово, Албин Курти, на маргините на Бледскиот стратешки форум, како дел од подготовките за следниот состанок на високо ниво, кој треба да се одржи во септември.

Треба да знаете
Последни објави