Неодамнешните успеси на украинските сили на јужниот фронт би можеле да го отворат патот за Русите да бидат потиснати назад во анектираниот полуостров Крим, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба. Тој рече дека тоа стана можно откако украинската армија го ослободила „стратешки важното“ село Роботин во областа Запорожје.
Руската војска соопшти дека нејзините сили се уште се држат во селото. Украина, во голема летна контраофанзива се обидува да го пресече копнениот коридор кон Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година.
Со ова Киев би ја преполовил територијата окупирана од Русија во јужна Украина и со тоа значително ќе ги искомплицира линиите за снабдување на руските сили. Последните тврдења и од Украина и од Русија не се независно потврдени.
Говорејќи на неодамнешниот состанок на амбасадорите во Париз, Кулеба рече:
„По консолидирањето на нашите позиции на крилата на селото Роботин, го отвораме патот кон Токмак и, на крајот, кон Мелитопол и административната граница со Крим“.
Стратешки важните градови Токмак и Мелитопол се под руска окупација и се клучни воени и логистички центри за Русија. Кулеба нагласи дека украинската контраофанзива – започната на почетокот на јуни продолжува, но призна дека тоа е „исклучително тешка“ задача.