Во Охрид утре ќе биде отворена јубилејната 50-та Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар по македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Скопје.
Станува збор за научен собир за јазик, литература и култура со најголема традиција во регионот, на која половина век македонисти, балканисти и слависти од целиот свет доаѓаат во Охрид, од кој произлегуваат научни трудови што пет децении се едни од клучните македонистички научни референци.
Свеченото отворање на Конференцијата и централното одбележување на нејзиниот јубилеј, што е важен не само за македонистиката и воопшто за филологијата, туку и за македонската држава, ќе се одржи утре напладне, на кое меѓу другите свое обраќање ќе имаат претседателот, Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.
Поздравна реч ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, додека учесниците на Конференцијата, во текот на пленарната сесија ќе ги поздрави и министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Во рамките на отворањето ќе биде промовиран и Зборникот од минатогодишното издание на Конференцијата, во кој на над 500 страници се објавени нови трудови од областа на македонистиката.
На тридневниот научен собир во Охрид ќе работат лингвистичката секција и секцијата за литература и култура, на кои ќе бидат презентирани близу 70 нови научни трудови. Од двете секции се очекува да призлезат нови научни согледби и заклучоци кои ќе се влог во македонистичките проучувања, со нови анализи, истражувања и исчитувања и од странските посветеници на македонистиката.
Централните теми на Конференцијата ќе бидат за делата на великаните Крсте Мисирков и Ацо Шопов, по повод значајните јубилеи – 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“ на Мисирков и стогодишнината од раѓањето на Шопов.
Конференцијата е дел и од националната програма „2023. Година во чест на Ацо Шопов“, под покровителство на претседателот на државата.
На Конференцијата ќе бидат опфатени и традициналните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, коишто веќе со години овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет. Во децениите наназад, токму овие теми се издвојуваа како најголем предизвик за странските македонистти, балканисти и слависти при учеството на Конференцијата, при што се произлезени и стотици научни трудови со важни согледби за спецификите на македонскиот јазик, литература и култура.
Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации објавени кај нас изминатиов период, имајќи ги предвид бројот на учесниците и реферератите, но и фактот дека ова конференциско издание е единствено од областа на македонистиката и по бројот на земји од кои има учесници.