– Во близина на ентитетската линија во Федерацијата Босна и Херцеговина се одржа протест насловен „Постои граница“, на кој насобраните изразуваат поддршка на партијата Сојуз на независни социјалдемократи и претседателот на Република Српска Милорад Додик.
Повод за ваквиот вид протести е поднесувањето обвинение против Додик поради неспроведувањето на одлуките на високиот меѓународен претставник во БиХ. Организаторите велат дека не се работи за собир на поддршка за поединец, туку за поддршка на институцијата Претседател, пренесува порталот Бука.
На меѓуентитетската линија на поделба во Источно Сараево, во населбата Добриња пристигнаа неколку стотици луѓе, како и премиерот на Република Српска Радован Вишковиќ, министерот за внатрешни работи на РС Синиша Каран, министрите во Советот на министри на БиХ, Сташа Кошарац и Ненад Нешиќ како и градоначалникот на Источно Сараево, Љубиша Ќосиќ.
Сообраќајот беше во получасовен прекин на местото каде што е меѓу ентитетската линија на разграничување.
На местото на собирот се присутни десетици припадници на Министерството за внатрешни работи на РС, а на покривите се распоредени и снајперисти, пренесе Бета.
Сараевските медиуми објавија дека МВР на кантонот Сараево распоредило и полициски сили, од другата страна, на територијата на ентитетот Федерацијата Босна и Херцеговина.
Митинзи за поддршка на Додик се одржуваат на три други локации, на меѓуентитетските линии на поделба кај Добој, на Мајевица кон Тузла и на главниот пат Невесиње – Мостар.
На протестите во Лукавица, дел од присутните се појавија со маици на кои јасно се изразува поддршка за руската платеничка група Вагнер, кои учествуваа и во борбите во Украина.
На маицата на еден од учесниците пишува „Наша работа е смртта и работата оди добро“, на руски, што е мотото на организацијата Вагнер чиј лидер Евгениј Пригожин неодамна загина во авионска несреќа над Русија. На друга маица на руски е испишан изразот „Сè оди според планот“, што исто така се поврзува со руската агресија врз Украина, наведува порталот Кликс.
Протестите се формално организирани од Комитетот за заштита на правата на Србите во Федерацијата Босна и Херцеговина, но претставниците на СНСД ги поканија граѓаните на митинзи и го изразија својот протест против обвинението поднесено против претседателот на РС Милорад Додик од страна на Обвинителството на Босна и Херцеговина за неспроведување на одлуките на високиот претставник во Босна и Херцеговина.