Народниот правобранител им посака успешна година на сите ученици, особено на првачињата, и апелира до сите што се вклучени во воспитно-образовниот процес, и до родителите, максимално да се посветат на образованието и воспитувањето на децата.
Омбудсманот повикува тие да работат со нив, да им го дадат потребното внимание и грижа, да им обезбедат помош и поддршка, разбирање за прашања во врска со училишниот, но и секојдневниот живот, „притоа почитувајќи ги децата како носители на права и водејќи сметка најдобриот интерес на детето да биде водечки при донесувањето одлуки“.
Оваа институција потсетува дека тие треба да ги вклучат децата во сите процеси кои се однесуваат на нив или се во врска со нив, со што, како што наведува, „ќе испратат јасен сигнал дека низ училишната година не се оставени сами на себе и дека во секој момент за секој проблем, без страв и ограничување, има на кого да се обратат за да го решат проблемот или дилемата која ја имаат“.
-Што се однесува до оние кои се одговорни за спроведувањето на политиките во образованието, Народниот правобранител потсетува дека основното и средното образование се задолжителни и бесплатни, а обезбедувањето учебници и други помагала, како и превоз на учениците се само дел од предусловите за непречено одвивање квалитетен образовен процес за сите деца, вклучително и за децата во ризик, децата кои потекнуваат од социјално загрозени семејства, како и децата со попреченост. Следствено, препорачува што поскоро да се донесе Законот за средно образование, кој за децата со попреченост системски ќе го реши проблемот со обезбедувањето образовни асистенти со чија помош и поддршка на полесен начин ќе го совладуваат дадениот материјал, се наведува во соопштението на Народниот правобранител.
Омбудсманот нагласува и дека ги охрабрува учениците да покажат интерес за заштита на своите права, да ги запознаат нив, и без страв да пријават евентуално нивно непочитување или повреда „без оглед дали повредата е во рамките на домот (семејството) или во училиште“.