Како што потврдија во четвртокот од европскиот систем за брзо предупредување во сообраќајот со храна, во сливи увезени од Србија во Хрватска е пронајден пестицид, кој е многу опасен по здравјето на луѓето, особено на децата, пренесува Подравски.хр.
Во ова овошје при контрола на граница е пронајден опасен хлорпирифос, па затоа не бил увезен во Хрватска и било наредено да се уништи.
Хлорпирифос е пестицид за кој е откриено дека предизвикува развојни нарушувања кај децата. Го оштетува мозокот и предизвикува други здравствени проблеми.
Во Хрватска и во многу други земји легално се користеше до 2006 година и стана една од најкористените хемикалии за заштита на посевите, овошјето и зеленчукот. Од 2006 година, тој е забранет за третман на овошје и зеленчук во повеќето земји на ЕУ. Истиот пестицид неодамна беше пронајден и кај праските од Србија, потсетува Подравски.хр.