На граничниот премин на Црна Гора со Србија, инспекција спречи увоз на речиси 10 тони праски и нектарини во кои е пронајден пестицид опасен по здравјето на луѓето, особено за децата – хлорпирифос, изјави директорот на Дирекцијата за безбедност на храна, ветеринарство и фитосанитарни работи Владимир Ѓаковиќ.
Тој за РТЦГ изјавил дека има две спорни пратки и двете испратени од Србија.
„Овој пестицид е многу опасен и забранет во Црна Гора, а јас одговорно тврдам дека го нема кај нас. Производителите не го користат за храна. Но, состојбата со увозот е поинаква – на граничниот премин Добраково со овој пестицид се откриени околу 10 тони праски и нектарини и сето тоа е вратено“, рече Ѓаковиќ.
Според него, во Црна Гора се прават анализи на сите овошја – праски, сливи, нектарини и кајсии.
Според медиумите, овој пестицид е пронајден и во сливи испратени од Србија во Хрватска, што го потврди и Европскиот систем за брзо предупредување во трговијата со храна. Овошјето не било увезено во Хрватска, туку било уништено.
Овој пестицид неодамна беше пронајден и кај праските од Србија.
Пестицидот хлорпирифос често се користи за заштита на палми и други растенија, но не смее да се користи за храна бидејќи е опасен за здравјето на луѓето, особено за децата, велат познавачите.
Американскиот центар за контрола и превенција на болести изјави дека по контакт со хлорпирифос, потрошувачите може да доживеат различни ефекти врз нервниот систем, како што се главоболки, заматен вид, зголемена саливација, напади, а во екстремни случаи, во зависност од количината и должината на изложеноста и кома и смрт.