Претседателот на државата Стево Пендаровски и владејачките партии сметаат дека без внатрешни опструкции на опозицијата, можно е и пред 2030 година да има проширување на ЕУ. Дебатата за уставните измени не стивнува, а се очекува таа да се интензивира со целосното враќање на работа на Собранието следната недела.
Во Охрид вчера Пендаровски рече дека ниту еден официјален претставник на ЕУ не рекол дека Западен Балкан нема да влезе во ЕУ се додека Унијата внатрешно не се доуреди.
– Ние што подолго ги следиме процесите на европските интеграции знаеме дека тоа не е ништо ново. Макрон на почетокот на својот говор, специфично во тој дел каде зборува за внатрешно преуредување на ЕУ вели: ова што го кажувам сега ви го кажав и пред пет години. Тоа е неговата стара идеја за продлабочување, пред проширување или продлабочување со проширување, рече Пендаровски.
Притоа тој нагласи дека францускиот претседател Емануел Макрон нема ниту една изјава во која вели дека Западниот Балкан не треба да влезе во ЕУ пред да се спроведат реформите во рамки на самата Унија за кои зборуваше пред пет години.
– Франција беше спонзор на европската преговарачка рамка која ја усвоивме минатата година. Дека тоа е така зборува и г-ѓа Бун, која е министер за Европа во Администацијата на Макрон. Таа сигурно знае што мисли нејзиниот шеф. За тоа се потврда и зборовите на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, кој е најблизок политички пријател на Макрон и секоја голема идеја во Европа што ја промовира Макрон, Шарл Мишел истиот момент ја прифаќа. Ако поради домашни политички причини барате изговор зошто не гласате за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ и велите дека ние сме спремни да гласаме за Европа, но Макрон не не сака, тоа е друго. Да бидеме прецизни, реални и фер спрема нашите европски пријатели, досега ниту еден од европските официјални лица не рекол дека Западен Балкан нема да влезе, ниту една од шесте држави, додека ние внатрешно не се доуредиме, рече Пандаровски.
Според него, без внатрешни опструкции какви што прави опозицијата, можно е и пред 2030 да има проширување на ЕУ што, како што повтори, го истакнала француската министерка за Европа.
-Секој разумен човек ги знае аргументите ’за’ или ’против’. Тоа е сосема јасна дилема. Имаме седум народи и делови од народи во Уставот, проблем ли е да ставиме уште шест делови од народи во истиот тој Устав. Како тоа ќе ја загрози Македонија. Или како второ, ако имаш политички причини чекајќи ги следните избори за да дојдеш на власт и потоа да мислиш за Европа, тоа е друга работа. Тоа не е стратешко размислување, тоа е теснопартиско размислување што сигурно се судира со стратешките интереси на Македонија, рече претседателот Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски повторно укажа на важноста од усвојување на уставните измени и со оглед на претстојните изборни процеси во ЕУ.
Тој вели дека започнатата пленарна седница на Собранието во однос на усвојувањето на амандманите за уставни измени ќе продолжи тогаш кога ќе се создадат соодветни услови во однос на бројот на пратениците коишто би поддржале таков процес.
– Сега е моментот кога се носи ваква одлука, со оглед на тоа дека идната година и Европската Унија оди на избори и Соединетите Американски Држави одат на избори и Северна Македонија оди на избори. После тоа ќе се прави нова Комисија, нови тела на ЕУ, што секако дека тој процес ќе го одолговлечи во недоглед, изјави Ковачевски, на новинарско прашања при посетата на Куманово.
Политиката што се водела 11 години од претходната власт, како што наведе, даде само непосакувани резултати, а политиката на интеграција покажува резултати и може да има позитивни ефекти врз граѓаните, државата и врз животниот стандард.
-Затоа треба по тој пат да продолжиме. Друга алтернатива нема, порача Ковачевски.
Според него, „првпат се соочуваме со блокада на државата од внатре, а нашата опозиција не смее да остане коалиција на изолационизам како што беше досега“. Смета дека има доволно време за да го сменат своето мислење и како што рече, „првпат во историјата на државата да поддржат одлука за интеграција на Северна Македонија“.
– Кога би била лесна одлука, тогаш веројатно и помалку време би било посветено како што има прашања на коишто се посветува помалку време. Меѓутоа, кога се работи за стратешка одлука која има генерациско влијание врз државата тогаш треба секој добро да размисли, добро да се разговара и на крајот да се донесе вистинската одлука, рече Ковачевски.
Тој ја критикуваше реториката на опозициската партија со барањето за избори и забалежа дека нема ниту еден европски или американски политичар кој стои зад позициите на ВМРО-ДПМНЕ.
И вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, повторно укажа на придобивките од продолжувањето на евроинтеграцискиот процес.
Според него, нашата држава споделува многу вредности со Европската Унија и затоа определбата за зачленување во ЕУ е определба за зачувување на стабилноста, просперитетот, соработката и успехот.
-По долго време европската агенда и перспектива не е само сон, туку е реалност. Добивме временска одредница дека во 2030 година е навистина возможно да станеме членка на ЕУ. Со чекањето секој ден губиме по една можност, секој ден надвор од Европската унија нашите луѓе имаат помалку можности, рече Маричиќ, синоќа на трибина во рамки на кампањата „Ние сме Европа“.
Тој претходно во телевизиско интервју, порача дека не треба опозицијата да бара изговори за чекање дека може да добиеме подобар предлог или дека Бугарија ќе исполни нешто што не исполнила 20 години. – Не треба ние да се врзуваме со чекори кои зависат од други. Нам не ни треба тоа. Нам ни треба да одиме напред што побрзо, сакаме во 2030 година да стоиме заедно со другите држави членки кои ќе влезат во ЕУ, рече Маричиќ, оценувајќи дека „она што се продава од опозицијата, ние само да чекаме, ќе ја испразни државата од младите и ќе ја уништи надежта за ЕУ“.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вчера одржа координација со пратеничката група, по која во статус на социјалната мрежа Фејсбук го потенцира барањето да не се одолговлекува седницата за уставни измени, го повторува ставот дека нема уставни измени под бугарски диктат и барањето да се почитува волјата на народот.
-Денес имав редовна координација со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Нема уставни измени под бугарски диктат. Остро сме против законските решенија кои предвидуваат зголемување на давачките, повисоки даночни опфати кои директно влијаат врз зголемување на сиромаштијата, бараме да не се одолговлекува процедурата и да се злоупотребува позицијата за да се одолговлекува седницата за уставни измени. Ќе се почитува волјата на граѓаните и нивниот интерес да не се потклекне на барањата за правење на компромиси на штета на државните интереси, наведе Мицкоски.
Собранието почна со работа по одморите со седници на неколку собраниски тела, а на 5 септември е закажана првата нова седница.