Лекарската комора на Република Северна Македонија изразува голема загриженост во однос на вознемирувачките информации изнесени за наводни злоупотреби со цитостатици на Клиниката за онкологија и радиотерапија, што доколку се покажат како вистинити ќе значат голема повреда на правата на пациентите, но и непочитување на основните етички принципи во вршење на здравствената дејност, што треба да бидат приоритет во работата на секој лекар и секој здравствен работник воопшто.
„Ниту еден пациент во нашата земја, особено онколошки пациенти кои се наоѓаат во животно-загрозувачка состојба не смеат во ниту еден момент да бидат доведени во ситуација да не им биде достапна во целост терапијата која се обезбедува со пари од буџетот на Фондот за здравствено осигурување или од Министерството за здравство, а уште помалку таа терапија да биде злоупотребена за лична корист на поединци“, соопштија од Комората.
Од таму даваат поддршка на јавно-обвинителскиот систем и органите на истрагата кои, како што велат, очекувааат час поскоро да ги расчистат поставените сомневања и да споделат со јавноста точни информации за тоа што точно се случувало на оваа клиника, која е единствена здравствена установа од ваков тип во нашата земја и каде се лекуваат најголем број од пациентите кои имаат малигни заболувања.