Народната банка усвои Среднорочен план за активностите за управување со ризиците поврзани со климатските промени

Советот на Народна банка го усвои првиот Среднорочен план за активностите во доменот на управување со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година.

Со овој план, како што денеска соопшти централната банка, се поставува сеопфатна, систематична и конзистентна рамка за активностите поврзани со управувањето со ризиците од климатските промени.

– Ефектите од климатските промени имаат глобален карактер и ги засегаат сите општествени сфери. Климатските промени се важно прашање за централните банка поради ефектите на истите врз ценовната и на финансиската стабилност. Народната банка во изминативе неколку години активно работи во оваа област, со вклучување на зелените финансии во стратешките цели на Народната банка, активно членство во меѓународна мрежа на централните банки и регулаторите, воспоставување на редовни податоци за зелените финансии, како и промени во монетарните инструменти во насока на поддршка на одржливото финансирање, се вели во соопштението.

Преку спроведување на новиот Среднорочен план, активностите на Народната банка ќе бидат насочени кон унапредување на постојната регулативна рамка и кон донесување насоки за начинот на управување со ризиците поврзани со климатските промени од страна на банките.

Народната банка, велат оттаму, ќе го зајакне и супервизорскиот пристап, со постепено активно вклучување на климатските ризици при оцената на ризичниот профил на банките.

– Имајќи го предвид значењето на отпорноста на финансискиот систем кон ризиците поврзани со климатски промени, централната банка предвидува подготовка на повеќе анализи на влијанието на овие ризици врз банкарскиот систем, како и спроведување стрес тестови. Во Планот е нагласена и важноста на координацијата на активностите во земјата и потребата за соработка со други државни институции и тела, имајќи предвид дека климатските прашања бараат координиран национален пристап. Со спроведување на Среднорочниот план се очекува подобро разбирање на климатските ризици, нивно вградување во анализите на банкарскиот систем и на монетарната политика и подобрување на потенцијалот на банкарскиот систем за поддршка на преминот на економијата кон зелен и одржлив развој, наведува Народната банка во соопштението.

Советот го усвои и Годишниот извештај за надзор на платните системи и дадените препораки за 2022 година. Утврдено е дека платните системи функционираат со висок степен на сигурност и оперативна расположливост, при што достапноста е на највисоко ниво. 

Треба да знаете
Последни објави