„Овој пат е многу јасно дека чекањето не ни се исплати и дека чекањето може да ни донесе само да пропуштиме уште една голема шанса која што не знаеме дали ќе се повтори за нас. Затоа што ако 2030 има проширување, а ние не влеземе, сметајте дека наредното проширување сигурно нема да се случи во наредните 10 години“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во вестите на Алсат.
Тој додаде дека владата ќе ги употреби сите сили за да ја убеди опозицијата и како политичка партија, но и како поединци да дадат поддршка на уставните измени бидејќи цената на неизгласувањето ќе биде многу поголема од заблудата дека може да се добие подобар договор и дека се исплати да чекаме.
„Ако ние мислиме дека е добра стратегија да чекаме уште 20 години најмалку да станеме членка на ЕУ, тоа е стратегија која ќе ни ја испразни државата од млади луѓе и ќе ја убие надежта за европска иднина“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и сите пратеници во Собранието треба да ја сфатат одговорноста која ја имаат во овој мандат и состав на Собранието.