Македонската фудбалска репрезентација се собра за двата септемвриските натпревари од квалификациите за ЕП 2024 против Италија (09.09.) во Скопје и со Малта (12.09.) на гости. Сите повикани фудбалери се ставија на располагање на селекторот Благоја Милевски и го одработија првиот тренинг на тренинг центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.
Очекувања од овој квалификациски двомеч, по двата порази во јунските дуели со Украина во Скопје (2:3) и со Англија во Манчестер (7:0) ги пренесе напаѓачот Дориан Бабунски, кој пред да пристигне на репрезентативните обврски направи трансфер во швајцарски Грасхоперс.
– Доаѓаме со нова енергија во националниот тим. Учиме од грешките на последните натпревари и треба да се подобриме во сите аспекти на фудбалската игра. Италија е светска велесила, имаме искуство и повеќето кои сме тука игравме против нив. Ќе дадеме се од себе за да извлечеме позитивен резултат. Фудбалот не познава историја, тука сме да бидеме конкурентни и за да им парираме. Секој од фудбалерите кога доаѓа за репрезентација е подготвен да даде 100 % од можностите. Оваа енергија што ја имаме тука не може да се почувствува во клуб. Ако сме со позитивна мисла и енергија, се надеваме на добро, порача Бабунски.