Косовската претседателка Вјоса Османи која престојува во официјална посета на Албанија изјави дека Србија има дестабилизирачки план на Западен Балкан, сличен на оној во Украина.
На заедничката прес-конференција со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, Вјоса Османи повика на поддршка од Албанија, јавуваат косовските медиуми.
„Србија секогаш ја влошува ситуацијата во нашиот регион преку честите напади на Косово. Со строгото спроведување на планот што Путин го спроведе во 2014 година против Украина, Вучиќ и Србија имаат за цел да го дестабилизираат целиот Западен Балкан и преку дестабилизација на нашиот регион да го нападнат системот на вредности на кој стојат ЕУ и НАТО“, рече Османи.
Османи во Тирана се сретна и со премиерот на Албанија, Еди Рама, со кого разговараше за европската иднина на двете земји и за зголемување на соработката, соопштија од кабинетот на претседателот на Косово.
„Содржајна дискусија за заедничката европска аспирација на Косово и Албанија. Со заедничка работа Косово и Албанија можат да го отворат патот за посветла и поинтегрирана иднина“, рече Османи.
Таа додаде дека Косово е конструктивна страна во процесот на дијалогот со Србија и подвлече дека конечното решение треба да биде меѓусебно признавање, зачувување на територијалниот интегритет, суверенитет, уставниот поредок и институционалната функционалност.
„Претседателката Османи и премиерот Рама изразија оптимизам за иднината на косовско-албанските односи и го истакнаа потенцијалот за зголемување на соработката во различни области од заеднички интерес“, се вели во соопштението.
На покана на претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателката на Косово, Вјоса Османи, престојува во дводневна официјална посета на Албанија.
Посетата ќе продолжи во градот Берат, а ќе заврши утре во Драч, каде покрај средбите со градоначалниците на овие два града, ќе ја посети и царинската испостава на Косово во пристаништето Драч.