По покана од претседателот Бајрам Бегај во дводневна официјална посета на Албанија денеска и утре ќе престојува неговата косовска колешка Вјоса Османи.
Според кабинетот на Бегај, Османи со високи државнички почести ќе биде пречекана во 10 часот, а по средбата со нејзиниот домаќин, следува средба на делегациите на двете земји, по што ќе одржат заедничка прес конференција.
Првиот ден предвидена е средба со премиерот Еди Рама и претседателката на парламентот Линдита Никола.
Во вторник по повод Денот на Мајка Тереза, Бегај и Османи ќе ја отворат изложбата со материјали од државните архиви во Тирана, Приштина и Скопје.
Истиот ден Османи ќе го посети градот Берат, каде на свеченост ќе и биде доделена титулата “Patron of the Castle’’, која е висока титула што им се доделува на значајни личности кои го посетиле и придонеле за доброто на градот.
Дводневниот престој ќе го заврши со посета на косовската царинска испостава во пристанишниот град Драч.
Претседателот Бегај на 15 август минатата година, три недели по изборот, во прва официјална посета надвор од земјата, беше токму во Косово поради “братските врски на двата народи и заедничкиот евроатлански пат”.