Претседателот на Јужноафриканската Република, Сирил Рамафоса синоќа изјави дека не се пронајдени докази за американските обвиненија дека руски брод кон крајот на минатата година зел оружје од Јужна Африка и го транспортирал во Русија.
– Ниту едно од обвинувањата за снабдување на Русија со оружје не е докажано како вистина. Не е издадена дозвола за извоз на оружје и не е извезено оружје, посочи Рамафоса.
Амбасадорот на САД во ЈАР, Рубен Бригети во мај изјави дека кон крајот на минатата година рускиот брод „Лејди Р“ товарил оружје во поморска база во близина на Кејп Таун. Обвинувањата на САД покренаа прашања за неутралниот став на Јужна Африка во однос на руската војна во Украина и можните западни санкции.
Според Рамафоса обвинувањата и наштетиле на економијата и угледот на ЈАР ширум светот. Јужноафриканските власти ги негираа обвинувањата веднаш штом беа изнесени, а Рамафоса назначи пензиониран судија за независна истрага.
Комисијата не најде докази за поддршка на тврдењето дека бродот носел оружје од ЈАР наменето за Русија, истакна Рамафоса.
Тој додаде дека бродот бил закотвен во базата за да испорача опрема што јужноафриканската компанија за набавка на оружје Армскор ја нарачала во 2018 година за јужноафриканските национални одбранбени сили.