Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска денеска во општина Босилово ќе присуствува на отворање градинка и Центар за стари лица.
Како што информираат од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), во 11 часот ќе се одбележува официјалното отпочнување со работа на ЈОУДГ „Среќни насмевки“ во Босилово. На одбележувањето ќе се обратат министерката и градоначалникот на општина Босилово, Ристо Манчев.
Со почеток во 13 часот, пак, ќе биде означен официјалниот почеток со работа на Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење во селото Турново во општина Босилово.
– Во рамки на настанот, министерката ќе ја предаде дозволата за вршење дејност од областа на социјалната заштита, на општинскиот огранок на Црвениот крст од Струмица, кој ќе управува со новиот Центар. За неговото значење за пензионерите и постарите лица од оваа општина, покрај министерката, ќе говорат и градоначалникот Манчев, како и претседателот на Црвениот крст – Струмица, Васил Тунев, се наведува во соопштението на МТСП.
Отворањето на овој центар се реализира преку Проектот за подобрување на социјалните услуги, кој го имплементира Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од Светска банка и претставува дел од севкупната социјална реформа чија цел, меѓу останато, е да ја зголеми достапноста на социјалните услуги на локално ниво, особено до оние граѓани, на кои тие им се најпотребни.