Агенцијата за филм е подготвена да ги финансира филмовите кои се најавени од продуцентските куќи како подготвени да тргнат со снимање, изјави денес директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски.
„Од почетокот на годината, Агенцијата за филм има исплатено 140 милиони денари на продукции на македонски филмови кои се во фаза на постпродукција. Причината зошто во првата половина на годината не се снимало филмови е лоцирана во индивидуални и различни причини внатре во продукциите“, рече Лазаревски.
Во врска со исходот од првиот рок на Конкурсот за филм, тој посочи дека фокусот беше ставен на транспарентно образложување на распределбата на расположливиот буџет на првиот конкурс, каде преку објективна валоризација, одлучено е да се поддржат најквалитетните филмови. Агенцијата за филм планира да воведе уште поголема транспарентност кога станува збор за конкурсите и начинот на вреднување на проектите. Исходот од минатиот конкурс е поддршка на 15 македонски филмови со мнозинско учество и 9 филмови со малцинско учество на македонски копродукции.
Одлуката зошто токму ваква распределба да се донесе на овој конкурс е поради оптимизирање на средствата и изнаоѓање на најдоброто решение за македонската кинематографија во период кога веќе 17 филмови се одобрени и треба да почнат со снимање (одобрени од претходните конкурси), кога буџетот претрпе намалување и конечно фактот што мора да се одржи баланс во учеството на Агенцијата за филм кај малцинските проекти кога македонскиот филм е многу повеќе помогнат од страна на регионалните и европски продукции.