Во подкастот „Unconfuse me“, мултимилијардерот Бил Гејтс повторно зборуваше за, како што рече, скриеното влијание на месото врз животната средина и во таа прилика изјави дека верува оти иднината е во месото од растително потекло.
Тој смета дека повеќето луѓе не знаат како земјоделството придонесува за климатските промени, особено кога станува збор за емисиите на метан од добитокот и ѓубривата, пишува Biznisinfo.ba.
Тој разговараше за влијанието на земјоделството врз животната средина со музичарот и режисер Ахмир Томпсон, познат како Questlove, кој исто така инвестираше во неколку стартапи за храна од растителна основа.
Квестлав му рекол на Гејтс дека компанијата „Impossible“ произведува стек од зеленчук со сирење, кој е омилен и на поранешниот американски претседател Барак Обама. Тој истакна дека го освоилo тоа што храната од растително потекло има вкус на вистинско месо.
Земјоделството сочинува 24 отсто од вкупните светски емисии на стакленички гасови. Според податоците на Агенцијата за заштита на животната средина на САД, главно се работи за емисии на метан од добиток, пред се од говедата, и ѓубривата.
Повеќето гасови, вклучувајќи го и метанот, се произведуваат за време на производството на говедско месо. На глобално ниво, од 99 грама говедско месо се ослободуваат 50 килограми штетни гасови. Во 2018 година, Гејтс напиша: „Ако добитокот беше држава, тие ќе беа третиот најголем испуштач на стакленички гасови“.
Во својата книга од 2021 година, „Како да се избегне климатска катастрофа“, тој напиша дека ефикасна борба против климатските промени ќе бара подготвеност да се посветиме на нови работи, како што се електрични возила и синтетичко месо.
Во тоа време, тој тврдеше дека богатите земји имаат ресурси потребни за да се префрлат на 100 отсто синтетичко говедско месо. Тој е на мислење дека вкусот на ова месо ќе станува се подобар и подобар.
Месото од растително потекло сочинува мал дел од вкупниот пазар на месо. Гејтс е свесен дека ќе биде тешко да се убедат луѓето да престанат да јадат вистинско месо. Една од причините е што растителното месо е поскапо.
Затоа преку својата фондација поддржува стартапи за одгледување на растително и лабораториско месо.