Имаме цврста институционална рамка која за вашите бизниси нуди предвидливост и силна поддршка, која вклучува различни мерки кои обезбедуваат субвенции за креирање на нови работни места, во делот на капиталните инвестиции, за реализација на инвестициски проекти за истражување и развој, каде тие изнесуваат 50 проценти од прифатливите трошоци, како и поддршка во делот на извозот, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред германски стопанственици во Франкфурт.
Тој порача дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции може да очекуваат финансиска поддршка за воспоставување и унапредување на соработката со добавувачи од нашата земја.
Битиќи оцени дека заедно со помош на брзорастечки и глобално етаблирани странски компании, нашата економија технолошки напредува, расте и се развива. Овие компании, според него, економските успеси не ги темелат на евтина работна сила, туку на човечки ресурси со напредно знаење и иновативност и со изградени вештини да бидат дел од најсовремени технолошки производствени процеси.
Вицепремиерот укажа дека големи германски компании работат со полн капацитет во нашата држава и водат успешен и растечки бизнис. Поволен економски амбиент за реализација на инвестиции и производство препознале и големите и глобално етаблирани германски компании, како што се Дрекселмаер, Маркард, ОВД Електрик, Кромберг и Шуберт, Техникал Техстајлс. Наведе дека тие се само еден дел од повеќето од 200 германски компании кои се развиваат, притоа овозможувајќи конкурентни и редовни плати на над 20 000 граѓани. Портфолиото на германски инвестиции, вчера е збогатено и со договорот за инвестиција на германската компанија БМЗ која одлучи да гради фабрика за производство на батерии во вредност од 65 милиони евра во ТИРЗ Скопје 2.
– Високото ниво на доверба на сите овие германски компании во македонскиот деловен амбиент, нивното искуство, растот и развојот кој што го остваруваат, треба да го препознаете како охрабрувачки сигнал и поттик за реализација на инвестиции во земја која има конкурентни и активни владини мерки за поддршка компаниите. Имаме воспоставено економска структура која испорачува резултати. Минатата година забележавме историски рекордна вредност на странски директни инвестиции во износ од 753,8 милиони евра, што е за двапати поголемо во однос на 2016 година, рече Битиќи.
Според него, Владата уште во 2018 година поставила системски основи на економскиот раст и развој, а довербата на инвеститорите ја стекнува преку стабилни и транспарентни правила за поддршка на инвестициите кои се содржани во Планот за економски раст.
-Со него обезбедуваме транспарентна и цврста поддршка за компаниите кои работат или сакаат да инвестираат. Не постои простор за каква било злоупотреба или манипулација од страна на носителите на власта. Имаме цврста институционална рамка која за вашите бизниси нуди предвидливост и силна поддршка, која вклучува различни мерки кои обезбедуваат субвенции за креирање на нови работни места, субвенции во делот на капиталните инвестиции, за реализација на инвестициски проекти за истражување и развој, каде тие изнесуваат 50 проценти од прифатливите трошоци, како и поддршка во делот на извозот, наведе Битиќи.