30 милиони евра се на располагање со првиот јавен повик од новата ИПАРД 3 програма за инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства и диверзификација на фарми и развој на бизниси, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Нашата земја е прва во регионот која стартува со реализација на новата ИПАРД 3 програма, за која на 1 септември беше распишан првиот јавен повик за мерките 1 и 7.
Мерката 1 од јавниот повик се однесува на инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, а како приоритетни сектори се јавуваат растителното производство, сточарското производство, производството на риба, потоа преработка и маркетинг на сопствено земјоделско производство на земјоделско стопанство и инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби.
Mинимална вредност на прифатливи трошоци по инвестиција кај мерката 1 изнесува 20.000 евра, а максимална финансиска поддршка на еден корисник за еден проект изнесува 750.000. Кај мерката 1 максимална финансиска поддршка на еден корисник за цело времетраење на програмата изнесува 1.500.000 евра.
Мерката 7 од јавниот повик се однесува на диверзификација на фарми и развој на бизниси, а приоритетни сектори се алтернативно земјоделско производство, преработка на алтернативни земјоделски производи, производство на прехранбени производи и пијалоци, производство на не-прехранбени производи, поддршка на занаетчиски активности, поддршка на услуги за рурално население, поддршка на услуги во земјоделство и поддршка на рурален туризам.
Минимална вредност на прифатливи трошоци на предложен проект кај мерката 7 изнесуваат од 10.000 евра, максимална финансиска подршка по корисник по поединечен проект изнесува 600.000 евра. Кај мерката 7 максимална финансиска подршка по корисник за цело времетраење на програмата изнесува 1.500.000 евра.