„Интересот кој беше пројавен од претставниците на германската бизнис заедница, нѐ прави уверени дека германските компании ќе продолжат активно да учествуваат во технолошкото унапредување, одржливиот раст и развој на нашата економија”, изјави заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи, кој престојува во Франкфурт, на тркалезна маса заедно со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Јован Деспотовски, пред претставниците на силната германска индустрија, компании од повеќе сектори, ги претстави можностите за инвестирање во нашата држава, за владините мерки и поддршката која странските компании ја добиваат.
„Го истакнавме високото ниво на економска соработка помеѓу Северна Македонија и Германија, како одлично искуство и за понатамошно зголемување на бројот на германски компании, кој е повеќе од 200, кои имаат реализирано инвестиција и вработуваат над 22.000 граѓани, на кои редовно им се исплатуваат конкурентни плати”, изјави Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека германските компании се од голема помош во делот на прилагодувањето на стандардите во македонската економија со тие на ЕУ.
„Искуство кое на нашето стопанство му е потребно, како навреме би се подготвило за интегрирање во економскиот простор на ЕУ. Овие придобивки, очекуваме да продолжат, да се продлабочат и прошират”, рече Битиќи во неговата изјава за медиумите после тркалезната маса.
Вицепремиерот Битиќи, изјави дека од интересот кој беше пројавен на тркалезната маса со претставници на германската бизнис заедница, реално е да имаме очекување дека германските компании ќе продолжат активно да учествуваат во технолошкото унапредување, одржливиот раст и развој на нашата економија.
„Она што е важно, зборуваме за технолошки напредни компании, етаблирани на глобалните пазари, кои своите успеси не ги темелат на евтина работна сила, туку на човечки ресурси кои се одликуваат со напредно знаење, иновативност, со изградени вештини да бидат дел од најсовремени технолошко производствени процеси”, изјави Битиќи.
Директорот на ДТИРЗ, Јован Деспотовски, подвлече две клучни пораки од денешните средби со германски компании.
„Прво дека Северна Македонија е стабилна држава, мала но флексибилна која може да се прилагоди на барањата на инвеститорите, а тоа истовремено да е во корист на граѓаните, и второ, уште поважно е дека во земјата имаме вредни и трудољубиви луѓе. Но нашата јасна порака е дека тие треба се платат и она што ме радува е дека високи плати повеќе за кои ние се залагаме се сѐ поприфатливи за компаниите. Сега во фокусот се вештините на младите”, рече Деспотовски, и најави нови германски инвестиции во земјата.
Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство, информираше дека 25 германски компании беа дел од тркалезна маса која се одржа во германската комора во Франкфурт, претежно компании од финансискиот сектор, металопраработувачка индустрија, ИТ секторот и инвестициски консалтинг, и беа позитивно изненадени од можностите кои ги нуди Северна Македонија.
„Најмногу се интересираа за едуцираниот кадар, инфраструктурата, и за кадарот со стручно образование. Дел од компаниите веќе се присутни на пазарот и се интересираат за понатамошни можности, за дел од нив земјата е нов пазар кој разбуди сериозен интерес”, изјави Ванделт,
Инаку, вицепремиерот Битиќи заедно со директорот на дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ), Јован Деспотовски престојува во работна посета на Сојузна Република Германија, при што во понеделник во Франкфурт се потпиша договор со германската компанија за производство на литиум-јонски батерии „БМЗ”, за реализација на нова германска инвестиција во Северна Македонија, која ќе обезбеди над 750 нови вработувања.