Консултативен состанок на Работната група за изработка на законот за минимална пензија

Консултативен состанок утре ќе одржи Работната група, формирана со одлука на Владата,  на кој ќе се разговара  за законот за минимална пензија.

Како што вчера најави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на првиот консултативен состанок на Работната група ќе учествуваат претставници на сите релевантни институции, а ќе се разговара за се што е потребно да се подобри животниот стандард на пензионерите. 

-По примерот на Законот за минималната плата во државата со закон ќе ја утврдиме и минималната пензија, рече вчера Тренчевска.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, вчера порача дека проблемите со пензиите настанаа кога актуелната влада го укина претходниот систем со кој два пати годишно растеше пензијата – според растот на трошоците за живот и според растот на просечната плата.

-Кога тоа беше укинато од страна на актуелната влада на ДУИ и СДСМ, тоа беше претставено како реформа во пензискиот столб и тука е суштинската грешка, кога пензиите не го следеа растот на минималната и просечната плата во државата. Оваа година Владата го врати оној истиот стар систем уште од времето на ВМРО-ДПМНЕ кога пензиите два пати годишно се нивелираа и тоа во јавноста го претставија како швајцарски модел. Тука е изгубен чекорот на исплата на пензиите со минималната, односно просечната плата, рече вчера Мицкоски.

Според него, кај пензионерите постои незадоволство бидејќи цените растат, а инфлацијата е огромна.

Одлуката за формирање на Работната група за изработка на законот за минимална пензија беше донесена минатиот месец по серијата протести на пензионерите низ земјава со кои побараа линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари од септември годинава, како и минималната пензија да изнесува 18.000 денари.

Треба да знаете
Последни објави