Целосна реконструкција во кабинетот на Еди Рама: албанскиот премиер разреши шест министри, меѓу кои и шефот на дипломатијата

Албанскиот премиер Еди Рама изврши реконструкција на владата и разреши шестмина министри во својот кабинет, меѓу другите и шефицата на дипломатијата Олта Џачка, пишува „Албанијан пост“

Рама побара од претседателот на Албанија да донесе указ за оваа работа, а најавено е дека измените ќе му ги достави денеска на Бајрам Бегај.

Олта Џачка повеќе нема да биде министер за европски и надворешни работи и на таа функција ќе биде именуван Игли Хасани.

Делина Ибрахимај ќе му ја препушти функцијата министер за финансии и економија на Ервин Мета. Ибрахимај сега ќе биде министерка за претприемаштво, а претходно таа функција ја извршуваше Едона Биљаљи.

Актуелната министерка за здравство, Огерта Манастирлиу, наместо Евис Куши, ќе биде министерка за образование и спорт, а нејзината функција ќе ја преземе Албана Кочи, објави „Албанијан пост“.

Рама ја разреши и министерката за земјоделство Фрида Крифца, која ќе ја замени Анила Денај, која беше министерка за економија. Ново име во кабинетот ќе биде Арбјан Мазнику, кој ќе биде министер за локална администрација.

Рама најави дека во октомври ќе биде свикан конгрес на неговата Социјалистичка партија на Албанија, на кој ќе бидат одобрени промени во структурата на секретаријатот на партијата.

Треба да знаете
Последни објави