Словачка ќе распореди до 500 војници за да и помогне на полицијата да го контролира зголемениот проток на мигранти кои доаѓаат преку границата од Унгарија, изјави денеска словачкиот премиер Људовит Одор.
„Би сакал да ги уверам граѓаните дека сè уште зборуваме за транзитна миграција“, изјави Одор по денешната седница на владата, пренесува Ројтерс. Бројот на бегалци се зголемува во малите градови на јужната граница.
Министерството за внатрешни работи во вторник соопшти дека бројот на приведени илегални мигранти е зголемен за девет пати и годинава на повеќе од 27.000.
Во Словачка има зголемување на бројот на мигранти, главно од Сирија, кои преминуваат во Европската унија на унгарско-српската граница и се движат кон побогатите земји, главно Германија. Одор рече дека е невозможно да се затвори границата со Унгарија , но воените трупи ќе и помогнат на полицијата да ги регистрира мигрантите, како и да патролира во градовите во пограничната област.
Владата, исто така, предложи да се прекине практиката на издавање формулари за регистрација на мигрантите, што другите земји на балканската рута не го прават и за што владата рече дека е фактор за привлекување на мигрантите, иако речиси сите продолжуваат кон Западна Европа.
Дополнително, словачката влада ќе го подобри снабдувањето со храна и хигиенските услови во местата каде што мигрантите чекаат регистрација.