Груевски: Во мојот случај на прогон законските измени имаат минорно учество

Експремиерот Никола Груевски се огласи по информациите дека се договарал за измените на кривичниот законик. Груевски ги демантира ваквите тврдења, коментирајќи дека во неговиот случај, измените имаат минорно учество.

Во статус на социјалните мрежи, Груевски посочи дека заднината на прогонот што се врши против него е стравот, конкуренцијата и желбата за политичка елиминација.

„Тој прогон трае и до ден-денес и сеуште трае и расте стравот на многумина од неговото запирање или неуспех. И имаат причина за страв!“, напиша експремиерот Груевски.

Бројни реакции предизвика изгласувањето на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, со кој меѓудругото се намалуваат казните за различните облици на кривичното дело од член 353 „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од најмалку 3 години затвор на казна од 1 до 4 години затвор, како и членот 394 „Злосторничко здружување“ со намалување на казната до 10 години на казна до 3 години.

Законот беше експресно донесен за еден ден со европско знаменце, а попладнево потпишан и од претседателот, Стево Пендаровски, кој образложи дека не гледа амнестија и ја правдаше одлуката.

За дел од правната фела, ова е вид на амнестија за сите функционери.

Од Коалицијата сите за правично судење претходно истакнаа дека со законските измени, за повеќе од 80 лица обвинети во 14 судски предмети иницирани од времето на СЈО ќе настапи застареност за кривичен прогон.

Од Владата тврдат дека се работи за усогласување со актите на ЕУ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак рече дека СДСМ и ДУИ се спремаат за опозиција и криминалот што го правеа изминатите 6 години сакаат на овој начин да го скријат. Упати порака дека дури и да го носат законот со златно знаме, а не со европско, секој што згрешил пред законот, а за што постојат докази, ќе одговара.

Албанските партии, Алтернатива, Движење Беса и Демократско Движење сметаат дека измените во Кривичниот законик кои Владата ги предложи до Собранието се прават да се спаси Никола Груевски.

Треба да знаете
Последни објави