Денес ја имаме најреалната и единствена можност, за брз процес на зачленување во Унијата, во следните неколку години. Ве повикувам сите заедно, да се обединиме околу целта пред нас и да ја сработиме. Заедништвото со кое е постигната независна иднина на Северна Македонија во 91-та година, го има и денес во определба на граѓаните за европска иднина на нашата држава, порача премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија, што се одржа вечерва во Филхармонија по повод Денот на независноста – 8 Септември.
Тој оцени дека денес „кочниците се само во нашите раце и на дел од политичарите тука во нашата држава“. – Причините за вакви обиди се поврзани со туѓи интереси за геостратешки позиционирања, различни од македонската евроатлантска стратешка цел. Поврзани се и со популизам за политички предизборни и лични, материјални цели, оцени премиерот.
Предупреди дека ако не го направиме исчекорот во евроинтеграциите заедно со нашите соседи од Западен Балкан на нашата држава и се заканува повторна изолација.
-Политичките раководства, Собранието и народот во нашата држава, секогаш го правеле потребното. И поради сето ова, така мора да биде и ќе биде и денес, рече Ковачевски.
Повика да се продолжи по зацртаниот пат на напредокот, исто како во 903, 44, 91-та.
-Да не правиме отстапки. Туку прогрес. Да не оставаме никому простор да нè идентификува и да нè става во свој историски контекст. Бидејки имаме своја историја и свој јазик, потврдени на научно, меѓународно ниво. Да продолжиме да се себепотврдуваме во меѓународното семејство на народи и држави, седнати рамноправни на масата во демократските сојузи. Затоа што само така, нашите аргументи, познати на светската наука, ќе бидат познати и за светската политика, нагласи Ковачевски.
Пред 32 години, во 1991-та година, потсети, со мнозинска определба од над 95 проценти од граѓаните, остварен е аманетот за сопствена, независна македонска држава на генерациите зад нас – глас што одекнува од Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година.
-Триесет и две години подоцна, пред нас е гласот на граѓаните, во мнозинска определба од 80 проценти, за живот во Европа, во ЕУ, но во родната, Република Северна Македонија. Ние, генерациите на денешнината, имаме обврска да се одзвеме на повикот на денешниот 8 Септември, којшто од нас бара континуитет на вековно поставената идеја за прогрес и напредок. Ова шанса доаѓа во време кога Република Северна Македонија е меѓународно етаблирана држава, со осигурани граници, со признаен македонски јазик и идентитет, земја пример за успешна мултиетничка демократија, која придонесува во регионалниот и европскиот мир, како слободна и суверена држава, членка на НАТО, земја која сигурно чекори на патот кон Европската Унија, рече премиерот.
Оваа шанса, дополни, е во време кога во Соединетите Американски Држави, септември 2023 година е прогласен за месец на македонската култура во САД, кога германскиот Бундестаг оддаде признание на македонскиот јазик, култура и историја. кога се одбележуваат денови на македонската култура во Шибеник – Хрватска, каде ги славиме културата и уметноста рамноправно со нашите партнери од ЕУ. Исто така, во услови кога дипломатите учат македонски јазик пред да дојдат во земјава. Во услови кога на македонски јазик е веќе потпишан првиот договор со Европската комисија, договорот за ФРОНТЕКС. И кога на македонски јазик веќе се преведува целото европско законодавство. И кога од Европската Унија е финансиран преводот на 400-тини романи пишувани од европски автори – на македонски јазик.
Потсети дека во првата најкритична фаза по независноста на државата, во 1992 година, кога беше донесена Лисабонската декларација, стоеше дека Европската заедница ќе ја признае нашата земја за независна држава, доколку Македонија прифати во нејзиното име да не се содржи зборот Македонија и придавката македонски.
Денес, после 30 години, потенцираше, реалноста е сосема поинаква. Денес Европа и светот зборуваат за македонска држава, македонски народ и македонски јазик. Денес нашата родна земја, Република Северна Македонија е меѓународно признаена држава, чии граници се исцртани на светската географска карта. И ова е и мора да биде нашиот мотор. Денес кочниците се само во нашите раце и на дел од политичарите тука во нашата држава!.
-Република Сверена Македонија веќе е и територијално и идентитетски меѓународно признаена држава. Преку науката, уметноста, книжевноста. Но и како политичка реалност! И штом е така, од кои причини би ставале кочници на сопствената перспектива?! Јасно е дека причините за вакви обиди се поврзани со туѓи интереси за геостратешки позиционирања, различни од македонската евроатлантска стратешка цел. Поврзани се и со популизам за политички предизборни и лични, материјални цели, рече премиерот.
Посочи и на периодот кога се соочивме, како што рече, со повеќе кризи: ембарго, транзиција, воен конликт во 2001-та година, режим, меѓународна изолација.
-Со мудри одлуки и заедништво успеавме да ја возобновиме демократијата во 2017-та година. И ги обновивме релациите со нашите стратешки меѓународни партнери. Република Северна Македонија во 2020-та година стана 30-та полноправна членка на НАТО. По цели 17 години од добиениот кандидатски статус за членство во ЕУ во 2005-та година, минатата година, 2022, ги отвориме и преговорите со Европската Унија. И денес ја имаме најреалната и единствена ваква можност, за брз процес на зачленување во Унијата, во следните неколку години, рече Ковачевски.
Ако нешто научивме во овие 32 години, укажа, тоа е дека македонската стабилност е директно поврзана со интеграцијата во демократските системи, НАТО и Европската Унија, како и со внатрешната етничка кохезија. Научивме дека мора да создаваме сојузници, наместо непријатели. И дека мора да дејствуваме заедно и обединети. Искусивме што значат меѓународна изолација и недемократска власт. Видовме што носи меѓуетничката нетрпеливост, којашто што повлекува етноцентрични, популистички и со тоа крајно неодговорни и недржавнички политики, потенцираше Ковачевски.
Тој истакна дека заедништвото како европска вредност е во македонскиот код и секогаш се издигнувало над раздорот, од каде и да доаѓал.
-И затоа ние денес, ниту има од што да бегаме, ниту има од што да стравуваме. Предизвиците постоеле и ќе постојат. А најдобриот начин да се справиме со предизвиците е да се соочиме и да ги решаваме. Предизвикот е шанса да се даде сè од себе. И таа неповторлива шанса за напредок, директно поврзана за нашата интеграција во Европската Унија, ја имаме токму сега. Се наоѓаме во неповторлив контекст, кога поради геополитичките прилики и потребата да се осигура стабилноста на европскиот континент, ние сме потребни на Европската Унија и на демократската меѓународна заедница, како што ни се потребни и тие на нас, рече Ковачевски.
Укажа на пораките од нашите стратешки партнери, дека на Западен Балкан се гледа и како на економски потенцијал за трансатлантската заедница и ги истакна придобивките за граѓаните и бизнисот со зачленувањето во ЕУ.
Ако не го направиме исчекорот во евроинтеграциите заедно со нашите соседи од Западен Балкан, наведе, на нашата држава и се заканува повторна изолација. Повторно чекање и повторни блокади. А тоа значи и пропуштена шанса за напредок и обратно, назад и нова темница, во којашто уште долго ќе се лута како што се луташе 11 години.
-Политичките раководства, Собранието и народот во нашата држава, секогаш го правеле потребното. И поради сето ова, така мора да биде и ќе биде и денес. Слободата значи и одговорност. И затоа, да го послушаме гласот на 8 Септември – и да исчекориме напред! Јас работам и ќе работам, а повикувам и сите заедно, да се обединиме околу целта пред нас и да ја сработиме. Бидејки заедништвото со кое е постигната независна иднина на Северна Македонија во 91-та година, го има и денес во определба на граѓаните за европска иднина на нашата држава, порача премиерот.
На академијата, насловена „32 години независност“, присуствуваа членови на Владата, претставници на институции, на академската заедница, стопанственици, дипломатскиот кор,…
Академијата почна со интонирање на државната химна и проекција на документарен материјал за државата и историски осврт за нејзиниот развој.
Со свечената академија стартуваа активностите што ги организира Владата по повод Денот на независноста, а утре продолжуават со културни манифестации, промоции, спортски активности.