Македонската одбојкарска експедиција од Скопје денеска се пресели во Бари каде в сабота од 18 часот ќе го одигра осминафиналниот меч на Европското првенство, против домашната селекција на Италија. Со двете победи во групата Ц која се играше во Скопје, македонските одбојкари обезбедија пласманот во нокаут фазата и остварија историски успех. Владо Милев е свесен за силата на Италија која е актуелен светски и европски шампион.
„Кај нас сѐ уште трае еуфоријата, тоа што го направивме досега за нас е голем успех со пласманот во оваа фаза. Имавме долго патување, денеска е ден за одмор, а утре ќе имаме тренинзи и подготовки за Италија. Во тој меч ќе влеземе да уживаме бидејќи играме со една од најдобрите репрезентации во светот и мислам дека тоа треба да биде круна на нашите репрезентативни кариери, вели Милев.
„Против Италија нема што да бараме, тие се едни од фаворитите за освојување на Европското првенство, но наше е да излеземе на теренот, да го дадеме нашиот максимум, да уживаме бидејќи ретко се игра против вака силни репрезентации и треба кај секој од нас мотивацијата да биде на највисоко ниво и уште еднаш ќе кажам, да уживаме во овој натпревар“.