Украина почна да испорачува жито преку хрватските пристаништа

Украина почна да извезува жито преку хрватските поморски пристаништа, со цел да ги прошири извозните рути додека нејзините црноморски пристаништа се блокирани, изјави денеска првиот заменик-премиер на Украина, Јулија Свириденко.

„Благодарни сме за оваа можност. Иако е само дел од трговскиот пат, тој е веќе корисен“, наведе таа во писмената изјава, без да даде информации колку украинско жито веќе е испорачано преку хрватските пристаништа.

Таа додаде дека Киев е подготвен да го развие тој транспортен коридор со проширување на капацитетот, пренесува Ројтерс.

„Веруваме дека оваа логистичка рута ќе игра важна улога во билатералната трговија дури и по војната“, рече Свириденко.

Главната рута на Украина за извоз на жито е преку нејзините црноморски пристаништа, но Киев бара алтернативни патишта по одлуката на Москва во средината на јули да се повлече од договорот за жито, кој предвидуваше извоз на украинско жито преку Црното Море.

Министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба за време на неговата посета на Загреб на крајот на јули изјави дека Украина и Хрватска се договориле за можноста за користење на хрватските пристаништа на Дунав и Јадранското Море за извоз на украинско жито.

Треба да знаете
Последни објави