Наоми Кембел, Синди Крафорд, Линда Евангелиста и Кристи Тарлингтон ќе се појават во документарната серија од четири дела што ќе пристигне на Apple TV+ на 20 септември, а трејлерот открива што може да очекуваат гледачите, пренесува Indeks.hr
Гледачите ќе имаат можност да видат што се случувало надвор од модната писта и да откријат некои од предизвиците кои протагонистите на оваа продукција морале да ги надминат за да стигнат до каде што се денес.
Во серијата изјави даваат многу ѕвезди од модната индустрија, како Марк Џејкобс, Едвард Енинфул, Мајкл Корс, Донатела Версаче…
„Невиден пристап до моделите ги носи гледачите зад камерата и подалеку од модната писта, откривајќи како тие доминирале во елитниот свет на манекенството, притоа осветлувајќи ја врската која самостојно ја промени динамиката на моќта на целата индустрија“, најавува Apple TV+.
Документарната серија патува во осумдесеттите години, кога четири жени од различни делови на светот се обединија во Њујорк.
Иако тие се силни индивидуално, успехот што го постигнаа со здружување ја надмина самата индустрија.
„Денес четирите супермодели остануваат на чело на културата преку активизам, филантропија и деловна моќ. Додека модната индустрија продолжува да се редефинира себеси и улогата на жената во неа, приказната за Наоми, Синди, Линда и Кристи останува една од најинспиративните приказни за моќта“, стои во најавата за оваа серија.