Откако поранешната девојка го обвини за физички напад, уште две жени јавно проговорија и посочија дека биле жртви на насилство од бразилскиот репрезентативец и фудбалер на Манчестер јунајтед, Ентони.
Бразилскиот фудбалер минатата недела беше отстранет од репрезентацијата, откако поранешната девојка Габриеле Кавалин обелодени во јавноста дека била физички злоставувана од него.
Ентони во својата реакција ги отфрли сите обвинувања и наведе дека не може да изнесе повеќе детали поради полициската истрага, која е во тек.
Во меѓувреме, уште две девојки обзнанија дека биле физички малтретирани од бразилскиот фудбалер. Новите обвинувања на негова адреса ги изнесоа студентката Рајса де Фреитас и 33-годишната Ингрид Лане.
Фреитас тврди дека била нападната од Ентони пред ноќен клуб во Сао Паоло по што морала да побара лекарска помош, додека Лане во телевизиско гостување рече дека била нападната откако одбила сексуален однос со фудбалерот на Манчестер јунајтед.