Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека на сите пензионери од 25 ноември до 5 декември ќе им бидат исплатени по 20.000 динари. Пензиите ќе им бидат зголемени на 1 октомври, а веќе е најавено ново зголемување за јануари следната година.
Во своето обраќање до јавноста, Александар Вучиќ рече дека има вест која ќе им се допадне на 1.646.000 пензионери, а тоа е дека покрај најавените покачувања на пензиите ќе добијат и еднократна парична помош.
Државата ќе додели 285 милиони евра за еднократна помош за пензионерите и, како што рече Вучиќ, ќе се исправи неправдата што пензиите не ги следеле платите.
Претходно министерот за финансии Синиша Мали најави зголемување на пензиите за 5,5 отсто на 1 октомври, а потоа ново зголемување од 14,8 отсто во јануари следната година, што значи дека од 1 јануари 2024 година просечната пензија ќе биде 390 евра.