Министерoт за внатрешни работи Спасовски утрово со видео-обраќање на сите граѓани на Северна Македонија им го честиташе Денот на независноста, 8. Септември.
Во продолжение е целосната честитка од министерот Спасовски до македонските граѓани:
Почитувани граѓани,
Дозволете ми да ви го честитам 8 Септември – Денот на независноста на Република Северна Македонија и да ви посакам благосостојба и просперитет во годините што доаѓаат.
А размислувајќи за иднината на нашата земја, не можам, а да не забележам дека нема ништо посилно од волјата на народот кога е исправен пред историска одлука.
Таа силна волја да бидеме свои на своето, влече длабоки корени од Асномска Македонија, преплетувајќи се во храбрите и мудри одлуки на Првото заседание на АСНОМ. Таква, меѓу другите, е и одлуката за заведување на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава, за што сведочат историските документите изложени во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце.
Токму заедништвото во одлуките се покажа и пред 32 години, кога на овој ден Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Бошњаците, Ромите, и сите други, преку референдум се одлучија за самостојна и суверена држава.
Тогаш, првиот претседател Киро Глигоров подвлече дека суверена и самостојна Македонија е заеднички дом на сите конститутивни народи, кој во духот на Крушевскиот манифест, тежнее за достигнување на највисоките стандарди во меѓунационалните односи. Денес, пак, ние сме генерацијата која се бори за остварувањето на таа визија за европска Македонија, со решавање на отворените прашања со соседите, обезбедувајќи го клучот за влез во НАТО алијансата и отворање на ЕУ перспективите.
Почитувани сограѓани,
Многу изодевме на тој пат со цел сонцето на европска Македонија да се позиционира меѓу ѕвездите на Европската Унија. Впрочем, панданот на некогашното ново сонце на слободата сега е континуитет на обединето и мудро одлучување.
Веќе го потврдивме македонскиот јазик со потпишувањето на ФРОНТЕКС Договорот со ЕУ. Креираме заеднички политики со европските партнери. Седиме на иста маса со НАТО сојузниците, ја имаме целосната и недвосмислена поддршка од нашиот најблизок стратешки партнер – САД.
Нека значењето на овој ден повторно ја разгори жедта за обединување, чувствувајќи ги благодетите да бидеме онаму каде природно припаѓаме – бидејќи ние сме Европа и само како дел од неа сме свои на своето. Стремежот да сме дел од европското семејство е мерка за тоа како се сака државата, каква држава сакаме да им оставиме на идните генерации. Заедно сме на овој пат и заедно мора да го изодиме до крај, до полноправно членство во ЕУ, еднакви со сите останати.
Нека ни се вековити самостојноста и независноста на државата!
Да живее Република Северна Македонија!