Премиерот Димитар Ковачевски смета дека во моментов целата дискусија за уставните измени се води на прилично рационално ниво од страна на владејачките партии и коалицијата која е за европски интеграции, а на исклучително нерационално ниво од страна на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ.
Според премиерот, неопходна е дискусија која ќе базира на факти.
-Гледате дека во јавноста нема никакви забелешки во однос на содржината на амандманите и во однос на постапката која се води. Сметам дека на крај треба да резултира со изгласување на потребните одлуки и отворање на поглавјата за што побрзо пристапување во ЕУ. Стратешка одлука значи тоа, се друго е бегање од реалноста, бегање од одговорност и враќање на државата во изолација и неизвесност какви што видовме во тие 11 години кога се креираше модел на културно-историски-финансики инженеринг од кој бенефит не доби никој, само земјата стагнираше на сите полиња и не мрдна ниту милиметар во евроатлантските интеграции. Само за споредба Хрватска почна со нас, а веќе воведе евро, дел е од ЕУ и од Шенген зоната, додека ние се уште разговараме дали ќе донесеме одлука со која ќе ги отвориме поглавјата, истакна Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по пуштањето на трите нови сали во ГОБ „8-ми Септември“.
Главната одлука што ја има овој пратенички мандат, напомена Ковачевски, е давање глас за Европа и продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата.
-Пратениците одлучуваат согласно мандатот што го имаат добиено. Сметам дека главната одлука што ја има овој пратенички мандат, е давање глас за Европа и продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Ние тој процес го почнавме, процесот беше поздравен и од сите наши стратешки партнери: и од САД и од лидерите на ЕУ и од членките на ЕУ, подвлече премиерот.