Од 1 декември 2021 година употребата на пластични кеси за еднократна употреба на пазарот во земјава е забранета, а во маркетите и на пазарите дозволени се само биоразградливи кеси кои се наплаќаат по 15 денари. Согласно Законот за управување со пакување и отпад од пакување, средствата од продажбата на кеси се собираат во посебен фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање, а до крајот на 2022 година по овој основ се собрани речиси два милиони евра.
Законот предвидува средствата собрани во овој фонд да се искористат за еколошки проекти, а од МЖСПП за МИА велат дека собраните средства од наплата на пластични кеси се распределуваат согласно донесена Програма и истите ќе се искористат за набавка на садови за собирање отпад – контејнери и еден дел за кампања за подигање на јавната свест за потребата од селекција и можностите за рециклирање.
Од МЖСПП посочуваат дека целта на мерката не е да се наплаќаат кесите, туку да се демотивираат граѓаните за нивна употреба и дека податоците што ги имаат укажуваат на виден ефект во таа насока.
– Податоците и собраната сума укажуваат на виден ефект, особено во големите ланци на маркети, особено што во некои целосно се заменети со еколошки торби за транспорт на купената стока. Целта на мерката не е да се наплаќаат кесите туку да се демотивираат граѓаните за нивна употреба. И овде имаме примена на принципот загадувачот плаќа, а собраните средства се враќаат во проекти за намалување на отпадот и воспоставување на системот на регионално управување со отпад, велат од МЖСПП за МИА.
Целосната забрана за употреба на пластични и оксо-биоразградливи кеси на пазарите во земјава првично требаше да стапи на сила од 1 јуни годинава, но пред овој рок од МЖСПП информираа дека таа ќе стапи на сила од 1 јуни 2024 година.
На прашањето од МИА зошто се одложи целосната забрана за пуштање во промет на пластични кеси од МЖСПП, велат дека „вакви мерки мора да го имаат предвид и социјалниот момент и влијанието врз производителите кои мора да се приспособат на новите законски обврски“.
Вкупно 7 169 контејнери ќе бидат распределени по општините
Согласно годишната Програмата за распределба на собраните средства за 2023, донесена во февруари годинава, 105 милиони денари ќе бидат наменети за изградба на инфраструктурни објекти за собирање, преработка, рециклирање и отстранување на отпад од поширок јавен интерес, а останатите 15 милиони денари за реализирање на проект за едукација и подигнување на јавната свест на граѓаните и субјектите за постапување со посебните текови на отпад.
Така 105 милиони денари ќе се користат за набавка на 7 190 контејнери за собирање на отпад од хартија, тетрапак, пластика и метал, за сите општини во Република Северна Македонија. Јавната набавка на контејнерите ја објавува и спроведува МЖСПП, по што тие ќе бидат поделени на општините.
Доделувањето на бројот на контејнерите се врши врз основа на бројот на жителите во општините и тоа за општина до 5000 жители се доделуваат 13 контејнери, за општина од 5001 до 15000 жители се доделуваат 40 контејнери, за општина од 15001 до 23000 жители се доделуваат 60 контејнери, за општина од 23001 до 40000 жители се доделуваат 104 контејнери и за општина над 40000 жители се доделуваат 260 контејнери. Согласно податоците од Пописот 2021 година низ 80 општини треба да бидат поделени 7 169 контејнери.