Во Општина Росоман започна со работа новата подрачна канцеларија на Центарот за социјални работи, Кавадарци. По тој повод министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска беше во посета на Општина Росоман.
-Од денеска, жителите на Општина Росоман заедно со останатите населени места добиваат можност на пристап до социјалните права во своето место на живеење. Тоа се 243 предмети каде корисници на социјални права и права од детската заштита се жители на Росоман. Овие граѓани повеќе нема да имаат потреба да патуваат до Кавадарци за остварување на правата од системот на социјална и детска заштита, истакна Тренчевска.
Министерката изрази благодарност до Општина Росоман и градоначалникот Стојан Николов за отстапувањето на просторот за канцеларија за социјални работи. И посочи дека ова е потврда за слухот на локалната заедница за потребите на своите жители.
Министерката истакна дека, придобивките од социјалната реформа се видливи. Граѓаните – корисници на гарантирана минимална помош добиваат за 300% зголемена помош од државата. Притоа, се зголеми и опфатот на корисници. Ако пред реформата за детски и за образовен додаток имаше по околу 3000 корисници, денес тоа се околу 25.000 корисници за секое од овие права. Висината на правата се покачи неколку пати. Денес, правото на посебен додаток е за 30 % повисоко од минатата година, а правото на попреченост и право на помош и нега од трето лице само во 2023 година е повисоко за 14.2% .
Градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов посочи дека граѓаните се на прво место и дека сите политики и мерки локалната заедница ги креира токму во согласност со нивните интереси и потреби.