Процес Брдо-Бриони: Стабилноста и просперитетот на регионот се меѓузависни, особено е важна регионалната соработка, заснована на искрен и отворен дијалог

Процесот Брдо-Бриони е единствен механизам за соработка на ниво на претседатели во регионот и е особено значаен затоа што стабилноста и просперитетот на регионот се меѓузависни и е повеќе од потребно, отворено да зборуваме за најтешките прашања, да бараме одржливи решенија и да ги затвораме отворените прашања. 

Ова го порачаа на денешната заедничка прес-конференција претседателот Стево Пендаровски и ко-домаќините претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц – Мусар и претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, по состанокот на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони во Скопје.

Денешниот состанок на лидерите на земјите од регионот поминал во конструктивна атмосфера, на кој била потврдена важноста од регионална соработка, заснована на искрен и отворен дијалог. Како резултат на тоа ќе биде усвоена Декларацијата од Скопје, во која се содржани заедничките констатации и заложби на сите девет претседатели.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, посочи дека охрабрувачки знак е тоа што атмосферата на денешниот состанок била подобра од последните два.

– Разговаравме за теми кои не поврзуваат и имаат таков потенцијал, а за оние кои се уште не се решени, не, бидејќи искуството покажа дека тоа е контрапродуктивно, па дури и штетно, изјави Милановиќ.

Според Милановиќ, ова е единствен процес што е во регионална сопственост, и нема ментори од страна, комисии и други членки на ЕУ. 

– Неколку пати во претходните години знаеше да гостуваат промотори и ментори. Тоа го гледав од друга позиција тогаш и не ми се допадна премногу. Во политичка смисла сите сме полнолетни како држави и политички нации. Разговараме во овој формат и мислам дека треба така да продолжи, изјави Милановиќ. 

Словенечката претседателка Наташа Пирц – Мусар, посочи дека имале конструктивен разговор, на кој најголемо внимание посветиле на Европската Унија и младите. 

– Словенија ги поддржува сите земји од Западен Балкан во процесот на приближување и секогаш сме подготвени да помогнеме со своите сопствени искуства, изјави Пирц-Мусар.

Пирц-Мусар, изрази задоволство дека е усогласена заедничката декларација, која за првпат идентификува и неколку конкретни акции. Таа нагласи дека Процесот Брдо-Бриони ќе продолжи и дека веќе има двајца кандидати каде да се одржи следниот состанок. 

– Како претседател на Словенија сакам да се заблагодарам на сите колеги од државите на Западен Балкан за помошта укажана во справувањето со поплавите. Тоа беа држави кои први ја понудија својата помош и дојдоа меѓу првите во Словенија, изјави Пирц-Мусар.

По 11 години од почетокот на процесот, според Пирц-Мусар прв пат се случува на масата да седат три жени, и според тоа што денеска го видела, посочи дека многу е важно да се разговара меѓу себе.

–  Го спомнавте Берлинскиот процес и овие два процеса се пред се различни. Брдо-Бриони е пред се наменет на претседателите, додека Берлинскиот процес е за извршната власт. Но, на крај како претседатели, со својата реторика и нашиот став, разговор и смиреност можеме да направиме многу. Словенија и Хрватска се членки на ЕУ. Двете држави со своите совети може да им помогнат на земјите од Западен Балкан. Искрено посакувам овој процес да продолжи затоа што е исклучително корисен, изјави Пирц-Мусар. 

Претседателот Пендаровски, посочи дека првата тема на денешниот состанок била приоритетот број еден на земјите од Западен Балкан, а тоа се европските аспирации и интеграции. 

–  Желбата за членство во Европската Унија, без исклучок присутна кај сите држави кои се дел од овој форум е значен фактор кој мотивира и не поврзува. Во тој контекст, на сите ни е јасно дека треба да ги постигнеме европските стандарди на добро владеење и функционална пазарна економија, изјави Пендаровски. 

Со заеднички напори, нагласи Пендаровски, мора да издејствуваме Западниот Балкан да се врати целосно на европската агенда и таму да остане. 

– Несомнено е дека иднината, не само на нашиот регион, туку и на светот, ќе биде дефинирана од најголемиот глобален предизвик, а тоа се климатските промени. Во таа смисла, сите сме согласни дека мораме да ги зајакнеме нашите напори во оваа глобална трка со времето, со носење на решенија кои ќе ги ублажат негативните последици од климатските промени, а, ќе вклучуваат општествена, политичка и регионална солидарност, изјави Пендаровски. 

На состанокот, Пендаровски, рече дека било разговарано и за, без дилеми, најголемиот предизвик за регионот – иселувањето на младите. 

–  Заеднички заклучок на сите присутни беше дека доколку не му застанеме на патот на овој тренд и тој не биде успорен со конкретни политики нас нè очекува многу полоша иднина од онаа која во моментов можеме да ја антиципираме. Нашата заедничка порака е да ги удвоиме и билатералните и регионалните напори за создавање перспективи за младите да останат во регионот и да се реализираат во сопствените земји, изјави Пендаровски.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ.

Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно. 

Треба да знаете
Последни објави