Врховниот управен суд во Франција ја потврди забраната за муслимански наметки во државните училишта

Францускиот Врховен административен суд ја потврди владината забрана девојчињата да носат „абаја“ – долга наметка што вообичаено ја носат некои муслимански девојки – во државните училишта, отфрлајќи ги жалбите дека тоа е дискриминаторски и може да поттикне омраза. Облеката што ја носат некои муслиманки повеќе нема да биде дозволен бидејќи го нарушува принципот на секуларност

На првиот ден од учебната година, околу 300 француски ученички сѐ уште носеа долги наметки, поради што француските училишта испратија десетици девојчиња дома, објави француското радио RFI (Radio France Internationale). Министерот за образование Габриел Атал рече дека од 12 милиони ученици кои се вратиле на училиште во септември, речиси 300 ученички „пркоселе на забраната за носење абаи“. Притоа, повеќето се согласиле да ги симнат, но 67 ученички одбиле и биле испратени дома, пишува британскиот весник „Гардијан“.

Пред речиси 20 години, во државните училишта на ученичките им беше забрането да ја покриваат главата со шамија. Прашањето за тоа што смеат да носат муслиманските ученици продолжува да предизвикува дебата за секуларните закони и третманот на муслиманските малцинства.

Муслиманската група за застапување, Акција за правата на муслиманите (АДМ), поднесе итна петиција до Државниот совет, највисокиот административен суд во Франција против државните власти, барајќи да ја поништи забраната, за која тврди дека е дискриминаторска и може да поттикне омраза кон муслиманите, како и „расно профилирање“.

Здружението тврдеше дека забраната е во спротивност со правата на децата бидејќи „првенствено ги таргетира децата за кои се претпоставува дека се муслимани, создавајќи ризик од етничко профилирање на училиште“, пишува Бета.

Беше нагласено дека „абајата“ треба да се смета за традиционална, а не религиозна облека и дека владата се обидува да ја искористи забраната за политички цели.

Државниот совет, сепак, ги отфрли аргументите на критичарите, заклучувајќи дека носењето абаја „ја следи логиката на религиозна афирмација“. Беше наведено дека одлуката се заснова на законот кој не дозволува никому да носи видливи знаци на каква било верска припадност во училиштата.
Министерството за образование објави дека со носење на „абаја“ учениците можат „веднаш да бидат препознаени како припадници на муслиманската вероисповед“, што е спротивно на секуларната култура во француските училишта.

Владата тврди дека одлуката за забрана за носење „абаја“ потврдена од Судот, е само ажурирање на постоечките правила што беа неопходни за да се запре се поголемиот број спорови во секуларниот училишен систем.

Од оваа учебна година, покрај забраната за носење „абаја“, има забрана и за слични, но поретки, целосни фустани што ги носат момчињата муслимани. Сепак, според „Њујорк тајмс“, иако огромното мнозинство учници ја почитуваат забраната, некои се сомневаат во намерите на владата.

Во Стејнс, северно предградие на Париз, професорите од средните училишта одржаа протест минатата недела критикувајќи ја владата за поттикнување дебата за „абаја“ наместо соодветно финансирање и реновирање на училишните згради.

Треба да знаете
Последни објави