Холандската полиција соопшти дека денеска трет ден по ред употребила воден топ за да го „ослободи“ главниот автопат блокиран од климатски активисти кои протестираат против владините субвенции за фосилни горива.
Демонстрантите излегоа на автопатот А12 во Хаг околу пладне по локално време и го блокираа сообраќајот, соопшти локалната полиција, пренесе Ројтерс.
Новинската агенција АНП јави дека десетици демонстранти ја блокираат главната сообраќајна артерија во Хаг во двата правци.
За време на викендот беа приведени околу 3.000 активисти кои протестираа на и околу автопатот А12.
Се проценува дека околу 10.000 активисти протестираа во саботата, додека неколку стотици го блокираа патот.
Организаторот на настанот „Бунт против истребувањето“ рече дека демонстрантите ќе се обидуваат секој ден да го блокираат автопатот додека холандската влада не престане да користи јавни средства за субвенционирање на нафтената и гасната индустрија.