Финансиските друштва во рок од еден месец да спроведат соодветна едукација на вработените за примена на системот на идентификација при воспоставување деловен однос, согласно Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Истовремено, финансиските друштва се должни да утврдат процедура за постапување со која ќе се гарантира дека податоците од личните документи соодветствуваат со лицето кое што е барател на кредитот.
Ова се дел од заклучоците од денешниот координативен состанок кој вицепремиерката Славица Грковска го одржа со надлежните институции и претставници на Групација на небанкарски финансиски друштва, со цел да се преземат брзи и зајакнати мерки за справување со злоупотребата на личните податоци на граѓаните и нивно незаконско задолжување со таканаречените „брзи кредити“.
Во однос на онлајн аплицирањето, потребна е идентификација на клиентот и потврдување на неговиот идентитет со користење на документи, податоци и информации од сигурни и независни извори, вклучително и со употреба на средства за електронска идентификација издадени во рамки на регистрирана шема за електронска идентификација на високо ниво на сигурност согласно со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги.
Во насока на зајакнување на транспарентноста, во рок од три дена финансиските друштва на своите веб страни треба да ги објавата тарифниците за трошоци за брзи кредити усогласени со новото законско решение кое ја лимитира вкупната сума за тарифирање, а по истекот на тој рок Министерството за финансии да изврши контрола. За оние финансиски друштва што нема да ги објават тарифниците, предвидени се казни согласно Закон.
На состанокот меѓудругото беше заклучено Министерството за финансии во рок од 30 дена да подготви подзаконски акти за подобра операционализација на новото законско решение, кои ќе овозможат надминување на детектираните слабости.
Како што информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во 2022 година евидентирани се 43 случаи на злоупотреба на лични податоци/измами со брзи кредити, за што до Основното јавно обвинителство поднесени се 16 кривични пријави за 24 сторители. Од почетокот на оваа година заклучно со месец јули пријавени се 65 случаи на вакви злоупотреби, за кои, по преземени мерки и активности поднесени се девет кривични пријави, а во рамки на реализираните случаи кривично се пријавени 15 сторители.