Заменик генералниот секретар на НАТО и поранешен шеф на романската дипломатија Мирчеа Џоана денеска изјави дека „нема ризик“ Романија, членка на Алијансата, да биде вовлечена во војната во Украина.
Изјавата ја даде откако делови од беспилотно летало „слично на оние што ги користи руската армија“ беа пронајдени во Романија, во близина на нејзината граница со Украина, а Романија вчера изрази протест до вршителот на работите на руската амбасада во Букурешт за повреда на романски воздушен простор.
– Најважно е повторно да се потврди фактот дека нема индикации за намерна акција (од страна на Русија) за напад на романска територија, а со тоа и на територијата на НАТО, изјави тој во Букурешт.
„Кога ќе го слушнете звукот на војната на неколку стотици метри од вашиот дом, од местото каде што работите, тоа ќе предизвика емоции и вознемиреност. Но, нема ризик Романија да биде вовлечена во тој конфликт“, рече Џоана.
– Сакам да ја уверам романската јавност, особено на границата со Украина на Дунав, дека нема причина за загриженост, истакна Џоана, додавајќи дека има намера да ја посети таа област бидејќи „можеби неговото присуство ќе биде порака за самодоверба и смиреност“.
Џоана ги поздрави плановите на САД за зајакнување на воздушните патроли на НАТО во регионот на Црното Море и за испраќање повеќе војници на НАТО на 5.000-те кои веќе се во Романија.