Претседателот на Фудбалската федерација на Шпанија (РФЕФ) и потпретседател на УЕФА, Луис Рубиалес (46), кој пред три недели ја бакна в уста фудбалерката Џенифер Хермосо, се повлече од двете должности.
– Го известив привремениот претседател (на РФЕФ), Педро Роча дека поднесувам оставка на должноста претседател на Федерацијата. Воедно го известив дека истото го сторив и со функцијата во УЕФА со цел да се најде замена за потпретседателското место, објави синоќа Рубиалес преку социјалните мрежи.
Двете оставки доаѓаат откако шпанското Јавно обвинителство го обвини во петокот Рубиалес за „сексуален напад“ и „присилба“ поврзано со бакнувањето на 33-годишната шпанска репрезентативка Хермосо за време на завршната церемонија на неодамнешното Светско првенство.
Рубиалес, кој досега одбиваше под притисок на јавноста да се повлече од функциите во РФЕФ и УЕФА, ги отфрли сите обвинувања.
– Ќе ја бранам својата чест. Ќе ја бранам својата невиност. Имам верба во иднината. Имам верба во вистината, порача Рубиалес, кој беше на чело на шпанскиот фудбал од 2017 година.