Шведска се враќа на печатени учебници и вежбање на ракописот во училиштата

Радио Слободна Европа

Додека децата се враќаа во училиштата во Шведска минатиот месец, многу наставници ставија акцент на печатени книги, тивко време за пракса за читање и пишување, а помалку внимание на таблетите, независно истражување на Интернет и вештини за пишување на тастатура.

Враќањето на традиционалните методи на учење е одговор на загриженоста на политичарите и експертите дали хипер-дигиталниот пристап во образованието во земјата – која воведува таблети уште во градинка – доведе до пад на основните вештини.

Шведската министерка за образование, Лота Едхолм, која ја презеде функцијата пред 11 месеци како дел од новата коалициона влада на десниот центар, беше еден од најголемите критичари на целосното прифаќање на технологијата.

„На шведските ученици им требаат повеќе учебници. Физичките книги се важни за учење“, рече Едхолм во март.

Министерката минатиот месец најави дека Владата сака да ја поништи одлуката на Националната агенција за образование со која дигиталните уреди се задолжителни во градинките. Планира да оди чекор понатаму и целосно да го укине дигиталното образование за деца на возраст под шест години, изјави Министерството за АП.

Иако учениците од оваа земја се над европскиот просек за способност за читање, меѓународната проценка за нивото на читање на четвртоодделенците укажува на пад на способноста на децата во Шведска помеѓу 2016 и 2021 година.

Можно е одредени дефицити да се резултат на пандемијата на коронавирусот или одраз на зголемениот број студенти-имигранти кои не зборуваат шведски како свој прв јазик, но прекумерната употреба на екрани за време на часовите може да предизвика младите да заостанат во некои клучни теми, според експертите.

„Постојат јасни научни докази дека дигиталните алатки ги влошуваат, наместо да ги подобрат, способностите за учење“, се вели во соопштението на шведскиот Каролинска  институт од минатиот месец, на тема стратегијата на земјата за воведување дигитализација во образованието.

„Сметаме дека фокусот треба да се врати на стекнување знаење преку печатени учебници и наставни вештини, а не првенствено преку слободно достапни дигитални извори, чија точност не е соодветно потврдена“, велат од Институтот, угледна медицинска школа, фокусирана на истражувачка работа.

Брзото усвојување на алатките за дигитално учење е исто така причина за загриженост за Организацијата за образование и култура при Обединетите нации.

Во извештајот објавен минатиот месец, УНЕСКО објави „итен повик за соодветна употреба на технологијата во образованието“. Извештајот бара од земјите да ги забрзаат интернет-врските во училиштата, но истовремено предупредува дека технологијата во образованието треба да се имплементира така што никогаш да не ја замени наставата лице в лице предводена од наставник и да поддржува квалитетно образование за сите.

Во шведскиот главен град Стокхолм, деветгодишниот Ливеон Палмер, третоодделенец во основното училиште Ѓургардсколан, рече дека сака да поминува повеќе време на училиште офлајн.

„Повеќе ми се допаѓа да пишувам во училиште, на хартија, бидејќи едноставно се чувствувам подобро“, изјави тој за АП за време на неодамнешната посета на училиштето.

Неговата учителка, Катарина Бранелиус, вели дека била селективна кога барала од учениците да ги користат таблетите, дури и пред да бидат во центарот на вниманието.

„Јас користам таблети за време на математика и користиме некои апликации, но не ги користиме за пишување“, рече Бранелиус. Таа додаде дека на учениците под 10 години  им „треба време и вежбање со ракопис… пред да воведете пишување на таблет“.

Онлајн наставата е предмет на жестока дебата низ Европа и другите делови на Западот. Полска неодамна започна програма за давање лаптоп на секој ученик, почнувајќи од четврто одделение, со надеж дека ќе ја направи земјата технолошки поконкурентна. Се ќе биде финансирано од владата.

За борба против падот на вештините за читање, шведските власти најавија инвестиција од околу 685 милиони круни (60 милиони евра) за купување книги за училиштата оваа година. Ќе се инвестираат уште 500 милиони во 2024 и 2025 година за да се забрза враќањето на учебниците во училиштата.

Не сите експерти се убедени дека новите напори на шведските власти водат кон она што е најдобро за учениците.

Критикувањето на ефектите од технологијата е „популарен потег кај конзервативните политичари“, вели Нил Селвин, професор по образование на Универзитетот Монаш во Мелбурн, Австралија. Тој додава дека е „убав начин да се каже дека сме посветени на традиционалните вредности“.

„Има смисла кога шведските власти тврдат дека нема докази дека технологијата го подобрува учењето, но мислам дека тоа е затоа што нема директен доказ за тоа што работи со технологијата“, вели Селвин.

Тој додава дека „технологијата е само еден дел од навистина сложената мрежа на фактори во образовниот процес“.

Треба да знаете
Последни објави