Во село Горна Бањица почнаа градежните работи на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за пробивање на трасата на автопатот Гостивар – Букојчани (30,1 километар) на Коридорот 8.
-Ова е прва реална активност со која почнува изградбата на двата коридора. Тоа што сите го очекувавме го реализираме денеска, а го ветивме минатата недела. Тука каде што стоиме поминува новиот автопатот Гостивар – Кичево, а материјалот од минирањето ќе биде искористен за Тетово – Гостивар и за страничниот пат од Тетово. На најтранспарентнен најотворен начин ги вршиме работие за да се убеди јавноста дека коридорите ќе се изградат во рекордно време и на најквалитетен начин, рече првиот вицепремиер и координатор на активностите за изградба на коридорите 8 и 10д, Артан Груби.
На настанот присуствуваат американската амбасадорка Анџела Агелери, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми.
Со Договорот што го потпиша Владата со „Бехтел и Енка“ е предвидена изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан на Коридорот 8 и на автопатската делница Прилеп – Битола на Коридор 10д.
До проектната единица – Јавното претпријатие за државни патишта веќе се доставени инфраструктурни проекти за сите делници, освен за Требешништа – Струга – Ќафасан. Доставени се и елаборати за експропријација за Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, а до крај на месецов се очекуваат елаборати и за Прилеп-Битола.
На „Бехтел и Енка“ досега им се исплатени две транши, од 117 милиони евра и од 53 милиони евра согласно Програмата за финансирање патна инфраструктура за проектот Коридор 8 и Коридор 10д за 2023 година, со која за годинава се предвидени вкупно 243 милиони евра.