По специјалниот германски пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, денеска во Скопје ќе престојува и претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундетагот и поранешен државен министер на Германија за Европа Михаел Рот, како дел од меѓународните дипломатски напори за отворање на европскиот пат на Северна Македонија и спроведување на уставните измени како услов за напредок кон ЕУ.
Рот ќе има средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претставници на Владата и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, и ќе учествува на регионалниот настан „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ на кој се поканети парламентарци и претставници на стручните служби на парламентите на земјите од Западен Балкан, германскиот Бундестаг и Европскиот парламент.
На дебатата ќе учествува и Сарацин, кој на вчерашните средби со претставници на власта и на опозицијата уште еднаш порача да не се потценува временскиот период за донесување на уставните измени, како и ризиците од можното одвојување на земајва на патот кон ЕУ доколку не се исполнат барањата.
– Сојузна Република Германија посакува процесот на уставни измени да се заокружи што е можно поскоро. Имајќи ја предвид можноста за отворање преговори со Украина во декември оваа година, ризикот од одвојување на земјата од останатите, без исполнување на потребните европски барања е неизбежен. Од тие причини, важно е како ќе биде формулирано прашањето за донесување на уставните измени, но уште поважно е да не се потценува временскиот период за нивно донесување. Многу време е изгубено во регионот, а тековната динамика во ЕУ за забрзување на процесот на проширување не смее да се пропушти, истакнал Сарацин на средбата со собранискиот спикер Талат Џафери.
Сарацин, кој во јуни учествуваше на Преспа форумот, слична порака упати и во интервју за МИА, нагласувајќи дека Северна Македонија нема многу време за губење, бидејќи е неизвесно што ќе се случи, имајќи ја предвид војната во Украина.
-Доколку сега ги отворите кластерите после уставните измени, патот на земјата кон ЕУ е неповратен. Вие направивте многу важен чекор, и сите знаат дека вашата земја ќе пристапи, не знаеме колку брзо, но никој веќе не може да ја сврти земјата назад. Гледаме што се случува во вашето соседство и колку е тоа опасно, каде насилни протести повторно се случуваат на улиците после долги години и што ова значи за чувствата на граѓаните од овој регион. Ова кажува: пристапете што е можно побргу, бидете колку што може поблиску до Европската Унија, направете го овој пат неповратен сега, за да бидете посигурни при евентуални следни случувања, а не знаеме што да очекуваме во следните недели и месеци, изјави тогаш германскиот дипломат.
Тој оцени и дека е нереално да се очекува дека повторно ќе се отвори Преговарачката рамка и додаде дека Германија ќе биде против тоа.
Пораките од германскиот пратеник за Западен Балкан засега не ја менува позицијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ без чија поддршка не може да се обезбеди потребното двотретински мнозинство во Собранието за менување на Уставот, што е услов Бугарија да го тргне ветото за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на вчерашната средба со Сарацин го повторил ставот дека „оваа Влада нема легитимитет за таков чекор и дека уставни измени под бугарски диктат нема да се случат“.
Премиерот Димитар Ковачевски, пак, остава простор за договор меѓу политичките партии околу уставните измени, кои, како што вели, го отвораат патотот кон ЕУ.
– Она што е пред нас е усогласување на ставот на политичките партии, бидејќи ние пред нас имаме исклучително значајна одлука, а тоа е продолжување на европската интеграција на државата, изјави Ковачевски вчера во Гевгелија, одговарајќи на прашањето дали е можен договор со опозициската ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.
Гласањето во Собрание, според него, ќе значи гласање за обезбедување европска иднина на државата и продолжување на процесот на евроинтеграција.
– Порано ако сме имале вето од надвор денес за првпат може ветото да дојде внатре од државата. Меѓутоа еве да дадеме простор на процесот, сите да можат да ги кажат своите ставови и да ги модилираат согласно своите и интересите на граѓаните коишто сакаат со огромно мнозинство над 80 проценти да живеат во земја членка на ЕУ, вели Ковачевски.
И на средбата што премиерот ја имал со Мануел Сарацин е оценето дека одлуката за носење на уставните измени е одлука да се биде дел од ЕУ. Северна Македонија е пред историски, неповторлив момент којшто неминовно води до забрзан економски развој и создавање на просперитетна, европска држава што ќе овозможи поквалитетен живот за сите граѓани, заклучиле Ковачевски и Сарацин.
Пораки и заложби за побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, вчера беа упатени и од состанок на лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони, што се одржа во Скопје.
Билатерални прашања не треба да го одолговлекуваат влезот во ЕУ, но би било во интерес и на Унијата и на земјите кандидати доколку бидат решени, сметаат лидерите на земјите вклучени во Процесот.
Претседателот Стево Пендаровски, на заедничката прес-конференција со ко-домаќините на состанокот, претседателката на Словенија Наташа Пирц – Мусар и претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, истакна дека ако за земјите од Западен Балкан се инститира прво да ги решат билатералните спорови, тогаш ниту една нема да влезе во ЕУ.
– Во изминатите три години ние имаме сериозен дисбаланс во таа смисла, затоа што билатералниот проблем со Бугарија, ја покри за жал целокупната традиционална агенда за пристапување. Ние се надеваме дека најскоро тоа ќе се промени, бидејќи ако на Западен Балкан инстистираме најпрво да бидат решени чисто билатералните спорови и посебно ако тие се потпираат на историја и на емоции тогаш ниту еден од Западен Балкан нема да влезе во ЕУ, рече Пендаровски.
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пак, смета дека за влез на земјите од Западен Балкан во Европската Унија подеднакво се важни и критериумите за членство и решавањето на билатералните спорови и дека тоа се процеси, кои се одвиваат паралелно.
-Важно е и едното и другото. Отворени прашања постојат, како што е на пример меѓу Косово и Србија, кои меѓусебно не се признаваат. Но, тоа се процеси кои се одвиваат паралелно и добро е што постои дијалог за да се дојде до решенија. Најлошо е кога ќе стивнат телефонските линии и комуникации, зашто тоа практично значи смрт за дијалогот, за комуникацијата, за меѓусебното разбирање, па и недоразбирање, изјави Милановиќ.
Словенечката претседателка Пирц – Мусар истакна дека е против одолговлекување на процесот за влез во ЕУ поради билатерални проблеми.
– Не сум поборник на тоа заради одолжувањето на билатералните прашања да се одолжува влегувањето во ЕУ. Не се согласувам со ставот на некои држави прво да се склучи договор па да се продолжи со преговорите. Тие процеси треба да се одвиваат истовремено, рече Пирц. Сепак, вели дека решавањето на билатералните спорови е во интерес на ЕУ, на пристапувањето во Унијата, а секако во интерес и на државите кои сакаат да станат членки.
Лидерите на државите вклучени во Процесот Брдо-Бриони, во заедничката декларација од состанокот во Скопје се заложија ЕУ и Западен Балкан да бидат подготвени за проширување што е можно поскоро, но не подоцна од 2030 година. Притоа, неопходно е интензивирање на стратешкиот дијалог со институциите на ЕУ со цел да се забрза пристапниот процес и да се спречи регионот да биде оставен настрана.
-Сеопфатни политички, економски реформите се суштински за пристапувањето во ЕУ, како и зајакнување на владеење на правото, функционирање на демократските институции и на јавната администрација. Од суштинско значење за напредок на европскиот пат се и регионалната соработка и добрососедските односи, поради што е неопходно зацврстување на меѓусебната доверба, разбирање и трајно решавање на билатералните прашања, како меѓусебна солидарност на земјите, порачаа во заедничката Декларација од Скопје на лидерите на земјите учеснички од Процесот Брдо-Бриони.