Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска изврши увид во отпочнување на градежни активности за изградба на затворен пливачки базен, кој се гради веднаш до салата „Наум Наумовски-Борче” или попозната како „Партизан” во Општина Карпош.
Во продолжение изјавата на премиерот Ковачевски:
Денеска, сме овде пред би рекол култната сала „Наум Наумовски-Борче” или кај граѓаните попозната како „Партизан” во Карпош каде со гордост сакам да најавам дека почнуваме со изградба на затворен пливачки базен, како дел од овој простор со кој проект верувам дека повторно ќе ја вратиме насмевката на карпошани и спортскиот ентузијазам на сите негови граѓани.
По повеќе од 20 години, а јас би рекол и по повеќе од 40 години, овој објект конечно ќе ја смени својата лоша слика која ја имаше во текот на изминатите децении, а сега со наша поддршка ќе добие нов лик кој може и сами да се уверите е една модерна спортска сала која ќе обезбеди место за спортување на сите граѓани од Карпош, меѓутоа и на граѓаните од другите општини во Скопје кои гравитираат околу Карпош.
Со почетокот на изградбата на затворениот пливачки базен којшто го означуваме денеска и реконструкцијата на спортската сала „Партизан” се гради целосен спортски комплекс во функција на младите, спортистите и рекреативците.
Се работи за базен со големина 33×40 метри и длабочина до 1,4 метри, комплетно затворен базен кој ќе биде поврзан со топла врска со спортската сала и која инвестиција е финансирана од Владата преку Агенцијата за млади и спорт во износ од 760 илјади евра.
Воедно, овде на терен, со огромно задоволство сакам да споделам и дека веќе привршуваат работите на комплетната реконструкција на салата „Партизан” кои треба да завршат некаде до средината на октомври што значи дека за 1 месец од денес ќе имаме пуштање на оваа сала и да видиме повторно младите карпошани и повозрасните да се занимаваат со своите омилени спортови.
Тука ќе биде место каде што ќе можат да се сместат голем број на спортски клубови кои функционираат во Карпош, од кошаркарските клубови, ракометните клубови, одбојкарски, карате клубови итн.
Со други зборови, довршуваме овде една голема работа која што значи нов модерен спортски комплекс кој ќе го врати и сјајот и имиџот на некогашната далеку позната сала „Партизан” од која што се излезени голем број на спортисти но и во која карпошани можеа да ги играат омилените спортови меѓутоа и да се рекреираат во текот на деновите.
Со ова го враќаме спортскиот дух на карпошани. Дополнителната инвестиција која веќе се одвива и веќе е при крај, за 1 месец, изнесува 1,1 милион евра во однос на реконструкцијата на Спортскиот центар „Партизан” и со ова потврдуваме дека вложуваме во капитални објекти кои значат подобро живеење на граѓаните, подобри услови и секако спортски објекти кои во овој исклучително урбан дел на Скопје ќе овозможи на Скопјани да имаат место каде што ќе се занимаваат со своите омилени спортови.
Сакам да се заблагодарам на градоначалникот и на организацијата на Општина Карпош за завршените процедури во рекорден рок и во однос на салата меѓутоа и во однос на базенот. Да се заблагодарам на Агенцијата за млади и спорт која што го подготви овој цел проект и секако изведувачите кои работат на реконструкцијата и на салата и на изградбата на базенот.
Инаку ,само еден податок дека практично оваа Сала е донација на Франција после земјотресот во Скопје од 1963 година и денес карпошани ќе добијат комплетно нова, реконструирана сала и комплетно нов затворен базен”.