Народниот правобранител има добиено над 30 претставки од страна на граѓаните за брзите кредити, вели Народниот правобранител, Насер Зибери, кој во Штип одговараше на прашањето, дали граѓаните доставуваат претставки имајќи во предвид дека МВР за половина година има евидентирано 65 пријави на измамени граѓани.
-Тука би ги разграничил претставките кои се однесуваат на висината на наплатата на надоместоците во администрирањето на брзите кредити и вториот дел злоупотреба на идентитетот при користење на брзите кредити. Ова второ мислам дека е многу болно и тука треба да се преземат сериозни мерки. Во таа насока беше и свикувањето на таа координативна средба, вели Зибери.
Посочи дека пред извесно време имало законска измена во Законот за финансиско работење на финансиските друштва, а по препорака на Народниот правобранител. Со овие измени се ограничуваат злоупотребите, но какошто вели Зибери македонското Собрание не најде храброст да стави уште една препрека, а тоа е начинот на кој аплицираат граѓаните за брзите кредити.
-Тоа е електронското аплицирање преку украдени лични карти. Мислам дека на средбата кај Грковска ова прашање е детектирано како проблем, иако ние од почетокот баравме ова прашање да се реши, вели Зибери.
Посочи дека честите злоупотреби при вадење на брзи кредити ги загрозуваат правата и интересите на граѓаните.